Контроли на грчките плажи за нелегално поставени лежалки

Граѓанското движење за слободни плажи што започна од островот Парос, брзо се прошири и на други грчки острови. Според него, се бара отстранување на нелегално поставените лежалки од бич-баровите и поголем слободен простор за граѓаните. Владата по нивно барање, донесе одлука за интензивирање на контролите на плажите, но и отстранување од плажи на три бизниси на Парос, јави МИА од Атина.

Министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис издал наредба за интензивирање на инспекциите на плажите или по службена должност или по претставки од граѓаните, за да се обезбеди почитување на одредбите предвидени со договорите за концесија и за прекршителите да се воведат пропишаните санкции.

Според Министерството, за време на инспекциите спроведени од 21 до 24 јули на островот Парос, по поднесените претставки од граѓаните за две плажи, биле констатирани значителни прекршоци и веднаш биле издадени протоколи за отстранување на три бизниси од овие плажи.

Хаѕидакис истакна дека нивната цел е да се почитуваат законите и потпишаните договори за плажите под концесија дадена од државата.

-Оние кои не ја почитуваат содржината на соодветните договори, треба да знаат дека никого нема да поштедиме, порача министерот Хаѕидакис.