
САД наредија делумна евакуација на својата амбасада во Нигер по минатонеделниот државен удар, а Велика Британија во четвртокот соопшти дека привремено ќе го намали бројот на персоналот во дипломатската мисија во Ниамеј поради безбедносната ситуација.
Стотици странски државјани веќе се евакуирани од Нигер, откако масата демонстранти кои ги поддржуваат пучистите ја нападна амбасадата на Франција, чијашто колонија до 1960 година беше оваа западноафриканска земја.
Водачот на пучот, командантот на Претседателската гарда генералот Абдурахмани Тјани предупреди против „секое мешање во внатрешните работи“ на земјата.
Нигер е значителен производител на ураниум кој се извезува во Франција за нејзините бројни нуклеарни централи, а се наоѓа и на една од клучните мигрантски рути кон северна Африка и натаму кон Средоземјето.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговараше повторно во средата со соборениот претседател Мохамед Базум, објави Стејт департментот, додавајќи дека САД се доследни кон враќање на демократски избраната влада на Нигер.
Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, изјави дека и покрај делумната евакуација, американската амбасада во главниот град Ниамеј ќе остане отворена.
„Му остануваме доследни на народот на Нигер и на нашиот однос со народот со Нигер и остануваме дипломатски ангажирани на највисоките нивоа“, рече Милер.
Британската амбасада во главниот град на Нигер привремено ќе го намали бројот на службеници поради безбедносната ситуација, соопшти Форин офисот.
„Групата којашто ги организираше протестите на 30-ти јули (М62) повика на нови протести во четвртокот 3-ти август, на Денот на независноста на Нигер. Протестите би можеле да бидат насилни и ситуацијата би можела брзо да се промени без предупредувања“, објави официјален Лондон.
Во средата 262 лица пристигнаа во Париз со евакуациски летови коишто ги организираше француската влада. Со летот кој го организираше италијанската влада, во Рим допатуваа 87 луѓе, исто така, од Нигер.
Воените команданти од земјите во организацијата на западноафриканките држави ECOWAS се состанаа во средата во Нигерија за да разговараа за можна воена интервенција, иако порачаа дека таквата акција би била „последното решение“.
Меѓутоа, истовремено соседните земји Буркина Фасо и Мали, каде што исто така последните години беа изведен преврати поради незадоволството од слабото справување на тамошните власти со џихадистичкиот бунт во пошироката област Сахел, предупредија дека воен напад врз Нигер ќе го сметаат за напад и врз нивните држави.
Генералот Тјани, на 26-ти јули со декларативна поддршка на војската и жандармеријата ја презема власта објаснувајќи дека владата на претседателот Базум дава лажни претстави за вистинската ситуација во земјата и во однос на борбата со исламистичките групации и во однос на безбедноста и стандардот на граѓаните, како и дека сака да ја спречи „постепеното и неизбежно“ пропаѓање на Нигер.
Државниот удар беше проследен со масовни демонстрации против Франција а во полза на Русија, чиешто влијание во западна и централна Африка се зголеми последните години. Во Нигер и Франција и САД имаат свои воени бази, и досега земјата беше сметана за клучен западен сојузник во борбата против џихадистичкиот екстремизам во Сахел.