Данска ги заострува граничните контроли по палењето на Куранот

Данската полиција ги заострува контролите на граничните премини по неодамнешните инциденти кога беа палени примероци од светата муслиманска книга Куранот што влијаело врз безбедносната ситуација, соопшти данското Министерство за правосудство откако слична одлука донесе Шведска претходно седмицава.

Антиисламските активисти во Данска и во соседна Шведска од почетокот на годинава организираа настани на кои сквернавеа и палеа неколку примероци од Куранот, а настаните беа одобрени од правосудните и полициски органи на двете скандинавски земји со изговор за почитување на слободата на говорот и изразувањето.

Меѓутоа, таквите инциденти го предизвикаа гневот во муслиманскиот свет, и во некои држави имаше жестоки протести со напади врз дипломатските мисии и барања од владите во Копенхаген и Стокхолм да ги забранат таквите настани,

„Властите заклучија дека во овој момент е потребно да се зголеми фокусот на тоа кој влегува во Данска, за да се одговори на специфичните и моментални закани“, се наведува во соопштението на данското министерство.

Заострените контроли на граничните премини на сила ќе бидат до 10-ти август.

„Неодамнешното палење на Куранот, како што наведе безбедносната полиција, влијаело на моменталната безбедносна ситуација“, изјави министерот за правосудство Петер Хаумелгаард.

Одлуката за заострување на контролата на границите со повеќекратни проверки на патниците кои влегуваат во Данска следеше по истата одлука на Шведска.

Владите на двете земји ги осудија сквернавењата на светата муслиманска книга и порачаа дека разгледуват нови закони со коишто би го спрочиле тоа. Меѓутоа, критичарите велат дека таквите одлуки би ја поткопале слободата на говорот којашто се заштитена со уставите на двете земји.