
На денешен ден пред седум години Скопје беше погодено од невреме што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Попладнето на 6 август 2016 скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер.
Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново.
Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнаа 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.
Невремето и поројот од вода предизвикаа пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија.
Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.
Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. На август 2016 беше прогласен Ден на жалост во Република Македонија.
Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.