Полска испраќа војска на границата со Белорусија, Русија ги јакне западните граници

Полска во средата најави испраќање на уште 2.000 војници на границата со Белорусија, а истовремено Русија објави дека ќе ги зацврсти своите сили на западните граници што предизвикува стравувања од проширување на војната во Украина во регионот.

Полска ќе испрати две илјади војници на границата со Белорусија, како поддршка на граничната полиција, изјави заменикот министер за внатрешни работи Мациеј Васик за националната новинска агенција PAP.

Тоа е двојно повеќе луѓе отколку што претходно бараше граничната полиција, а треба да ги спречи илегалните миграции и да ја одржува стабилноста, според Васик.

Новите две илјади полски војници треба да бидат распоредени во рок од две седмици и ќе им се приклучат на другите две илјади војници кои веќе се распоредени близу границата со Белорусија.

Полска наводно е загрижена за својата погранична област, откако неутврден број борци на руската приватна воена компанија „Вагнер“ во јули пристигнаа во Белорусија на покана на претседателот Александр Лукашенко.

Минск, пак, со години ја обвинува Варшава дека трупа сили на НАТО на белоруските граници, а од почетокот на руската инвазија во Украина и дека во Полска се обучуваат диверзанти и белоруски екстремистички дисиденти кои заедно со странски платеници треба да бидат уфрлени во Белорусија и да предизвикаат преврат или барем граѓанска војна.

Полска, исто така, тврди дека забележала пораст главно на блискоисточни и африкански мигранти кои се обудуваат да ја минат границата и да влезат во ЕУ. Варшава две години ја обвинува Белорусија дека врбува мигранти во сиромашните земји и намерно илегално ги испраќа преку границата за да поттикна нестабилност.

Васик и во средата рече дека „сите обиди за илегално влегување на мигрантите во Полска, досега ги организираа“ белоруските власти.

Минск, пак, минатата седмица повторно ја обвини Варшава дека носи емигранти кои брутално ги претепува и ги тера низ дупките оставени за животните во нејзината ограда на границата да влегуваат на белоруска територија.

Кусо по најавата од Варшава, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во средата најави дека Русја ќе ги засили своите единици на западните граници.

Истакнувајќи дека Полска поворно најави ново носење војска на границите кон руската балтичка енклава Калининград и кон Белорусија, Шојгу рече дека очекува оти НАТО ќе распореди значлителни единици и воена опрема и во Финска, која оваа година ја прекина својата само декларативна воена неутралност и беше примена во Алијансата со којашто инаку со децениитесно воено соработуваше.