Движењето Беса не чувствува никаква одговорност за знамето со „голема Албанија“

Потпретседателот на Движење Беса, Блерим Сејдиу, одржа прес-конференција со партиски став за реакциите на другите политичари по повод посетата на Албин Курти во Тетово, а одговори на новинарските прашања околу појавата на знамето со таканаречена голема Албанија.

На прашањето, дали за Движење Беса е прифатливо веење на знаме со карта на т.н. голема Албанија, Сејдиу рече дека не преземаат одговорност за публиката. Од друга страна фотографија со ова знаме се најде на Фејсбук-профилот на партискиот претседател и тетовски градоначалник Биљал Касами.

– Косовскиот премиер во Тетово беше пречекан со сите државни знамиња и законски постапки, има и слики и видео и можат сите да ги видат. Тоа што се случуваше во публиката, не преземаме ние одговорности. Сите реакции на државното раководство беа за публиката, а не за пречекот на косовскиот премиер Албин Курти. Пречекан беше според сите законски постапки, рече Сејдиу.

Тој прецизираше дека Општина Тетово го поканила како премиер и поради присуство на таков висок државен функционер биле поставени знамиња пред зградата. За тоа зошто не се сретнал со претставници на највисокото државно раководство, Сејдиу рече дека Курти одлучил така.

– Посетата на Албин Курти беше како премиер и беше пречекан според законските постапки. Премиерот кажа дека како премиер ги поздравува граѓаните во Тетово. Беше во Тетово официјално пречекан според законските постапки. За тоа одлучува премиерот. Со кого ќе се сретнат, не сме одговорни, исто како и кога еден премиер ќе се сретне со некој друг во Македонија, рече Сејдиу.

За тоа зошто не се интонирала државната химна на Северна Македонија Сејдиу рече дека пречекот бил пред општината Тетово, а за понатаму не може да зборува.

-Официјално во Општина Тетово беше пречекот и беше многу видлив. Беше со сите државни знамиња. Јас зборувам за во Тетово, официјален дел, за понатаму не би зборувал, тоа ќе значи нешто друго. Не верувам дека еден премиер може да посети некого кој го нема во агенда, истакна Сејдиу.

По појавата на знамето на голема Албанија на пречекот на Курти, СВР Тетово најави дека ќе се идентификуваат сторителите, но денес три дена по настанот нема нова информација.

Според Сејдиу, „македонските државни раководители со реакциите за посетата на косовскиот премиер откриле национализам кој се криел со демократски јазик“.

– Која е вистинската причина што им пречи на Ковачевски, Мицковски, Пендаровски и ДУИ посетата на премиерот на Република Косово во Северна Македонија? Хистеричната реакција на институциите на нашата држава, со доза на етнонационализам, е неприфатлива и против соработка за добрососедство. Повторуваме дека единствениот начин за Република Северна Македонија и Република Косово е влез во Европската Унија и фокусирање на меѓудржавна соработка! Всушност, стравот се чини дека е на друго место! Владата на Македонија (Ковачевски-Ахмети-Пендаровски+ВМРО) се плаши дека мобилизацијата на албинизмот ќе ги отповика шаблоните на политичка соработка со скриена комунистичка идеологија меѓу Скопје и официјален Белград, истакна Блерим Сејдиу.