
Руските воздушни напади во јужна Украина во текот на ноќта ги оштетија магацините за жито на речното пристаниште Рени на Дунав, клучна локација за извоз на жито, рече гувернерот на црноморскиот регион Одеса, а товарен брод вкотвен таму од почетокот на руската инвазија испловил од пристаништето Одеса и покрај руската блокада.
„Руските терористи со беспилотни летала синоќа двапати го нападнаа регионот на Одеса. Главна цел е пристаништето и житната инфраструктура на југот од регионот“, објави гувернерот Олех Кипер на апликацијата за пораки Telegram во средата.
Агенцијата Reuters наведува дека не можела независно да го потврди извештајот. Од Русија, исто така, засега нема коментар.
Украинските противвоздушни сили објавија дека уништиле 13 дронови лансирани од Русија над регионите Одеса и Миколаев на југ. Засега не е јасно колку беспилотни летала вкупно лансирала руската војска.
Една четвртина од житото се извезуваше преку украинските пристаништа на Дунав пред Русија да се повлече во јули од договорот поддржан од ОН за да се обезбеди безбеден премин на украинското жито преку Црното Море. Оттогаш, пристаништата на Дунав станаа главна излезна рута, а житото се испраќа со брод до романското црноморско пристаниште Констанца за натамошна испорака. Претходно овој месец, Русија го нападна Измаил, главното пристаниште во Украина на Дунав, што беше искористено глобалните цени на храната да скокнат.
Киев тврди дека Русија ги засилува нападите за да ја спречи Украина да извезува жито, додека Москва вели дека станува збор за оневозможување на доставување оружје и муниција од западните земји за Украина под превезот на наводни испораки на житарки.
Нападите со беспилотни летала уништија згради на пристаништето и ги запреа бродовите додека се подготвуваа да пристигнат таму за да натоварат украинско жито и покрај де факто блокадата што Русија повторно ја воведе во средината на јули.
Украинскиот пратеник Олексеј Хончаренко објави дека контејнерскиот брод во средата наутро го напуштил главното украинско црноморско пристаниште Одеса, кое е блокирано од Русија.
„Бродот со контејнери штотуку го напушти пристаништето Одеса. Во Одеса остана од 22 февруари 2022 година“, напиша Хонарченко на Telegram..
Минатата седмица Украина објави „хуманитарен коридор“ во Црното Море за ослободување на товарните бродови кои се блокирани во нејзините пристаништа откако Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Москва не посочи дали ќе го почитува тој поморски коридор, а извори од бродски и осигурителни компании искажаа загриженост за безбедноста на бродовите.
„Првиот брод користи привремен коридор за трговски бродови до и од пристаништето Голема Одеса“, објави вицепремиерот Олександр Кубраков на Facebook.
Тој го идентификуваше контејнерскиот брод како „JOSEPH SCHULTE“ кој пловел под знаме на Хонгконг. Бродот превезува повеќе од 30.000 метрички тони товар во 2.114 контејнери.
„Коридорот првенствено ќе се користи за евакуација на бродови кои биле во украинските пристаништа во моментот на руската инвазија“, рече вицепремиерот.