Ковачевски: Ова не е диктат, туку наш македонски предлог, поддржан од ЕУ и од САД

Со 70 гласови за, 47 против и без воздржани, Собранието на Македонија го усвои дневниот ред – пристапување кон измени на Уставот на Македонија. Претходно, ниту еден пратеник не се јави за да предложи измена или дополнување на дневниот ред. Премиеирот Димитар Ковачевски во име на Владата како предлагач нагласи дека предлогот за измени и дополнувања на Уставот не е странски диктат, туку македонски предлог, пишуван тука, а поддржан од ЕУ и САД со единствена цел – пат за интеграција во ЕУ до 2030 година и е базиран на историските стремежи вградени во Крушевскиот манифест и АСНОМ, Уставот од 1991 година и Преспанскиот договор.

– Предлогот за менување на Уставот има само еден мотив: влез во ЕУ. Тоа што го бара и го очекува огромното мнозинство граѓани во државата. Предлогот е наш македонски, напишан во Скопје, и затоа со цела одговорност ги отфрлам лажните тези дека постои некаков диктат од било кого за било што. Постои само нашата сегашна историска моќност за да направиме нешто добро за државата. Со усвојување на предлогот да донесеме одлука да не стоиме во место, туку да чекориме кон членство во ЕУ и да ја сотвариме целта за полноправно членство до 2030 година. Ова е наш македонски предлог, поддржан од ЕУ и од САД. За само една година поддршката за нас драстично се зголеми – рече Ковачевски.

Ако ја погледнеме вистината в очи, додаде тој, тогаш ќе видиме дека на македонски јазик се говори и во Брисел, и во Берлин, и во Вашингтон.

– Се случи сето спротивно од тоа што го заговараа домашните политканти. Станавме посилни, поцврсти и зад нас стојат најголемите и најсилните. Секој разумен човек знае и гледа дека уставните измени нема негативно да се одразат врз државата, бидејќи тие не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање. И тоа е целосно јасно. Затоа денеска, кога ќе ги погледнете улиците во Скопје, гледате дека сѐ е мирно и дека граѓаните очекуваат подобра иднина. Не само сега, туку во континуитет, државата се гради како демократија којашто практикува сѐ она коешто е наведено во нашето општество преку уставните и законските акти. Предлогот го продолжува патот кон целосна интеграција на Републиика Северна Македонија во ЕУ – истакна премиерот.

Нови барања од Бугарија нема да има, порача Ковачевски.

– Нема да има ново вето од било кого и за било што. Сега, после 30 години, кога сме во завршницата, ние бараме и нудиме решение да не згрешиме како држава и повторно да потрошиме декади во чмаење и во чекање. До 2006 година бевме рамо до рамо со Хрватска, а денес таа е членка на ЕУ, затоа што води паметна политика и има паметни политичари. А ние не мрднавме ни еден милиметар од евроинтеграциите. Тоа не смее да се повтори. Ако тогаш тие не застанаа зад Хрватска, денес не смееме да заостанеме зад Србија или зад Албанија. Генерациите сакаат резултати, младите да си останат дома. Младите не се отселуваат поради Уставот, туку со единствената потреба да живеат дома нормално, побогато и мирно. Да живеат европски како нивните врсници во европските градови.