
Украина започна разговори со Шведска за можноста да ги добие нејзините борбени авиони „Gripen“, изјави во саботата украинскиот претседател Володомир Зеленски по средбата со шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Ова беше првата посета на Зеленски на Шведска од почетокот на руската инвазија на крајот од февруари 2022 година, а разговорите за набавката на борбените авиони „Gripen“, кој ги опиша како прелиминарни, следат откако САД им одобрија на Данска и Холандија да ѝ ги испратат на Украина борбените авиони „F-16“ од американско производство.
Двете земји кои ја предводат 11-члената западноевропска коалиција за испорака на „F-16“ на Украина располагаат со околу 60 функционални вакви летала. Меѓутоа, Вашингтон ја одобри испораката дури откако ќе заврши обуката на украинските пилоти за летање на американските авиони за која засега не е одреден датумот. Во Киев се надеваат дека американските авиои ќе ги добијат до крајот на годинава или следната пролет.
„Денеска детално разговаравме за идните чекори во врска со можноста за отворање на прашањето за добивање на шведските Gripen“, изјави Зеленски на заедничкиот брифинг за новинарите со Кристерсон, додавајќи дека тоа ќе биде главната тема на неговите состаноци со другите шведски функционери.
Шведската влада во јуни соопшти дека на украинските пилоти ќе им овозможи тестирање на овие авиони коишто ги произведува шведскиот концерн „Saab“ без да ја назначи временската рамка и истакнувајќи дека нејзините авиони ѝ се потребни за заштита на шведската теротирија и воздушен простор.
Зеленски во саботата тврдеше дека украинските пилоти веќе ја почнале обуката на шведските борбени авиони.
Кристерсон во својата изјава воопшто не ги спомена авионите „Gripen“, но го осуди рускиот ракетен напад врз Чернигов во саботата во кој загинале седум лица а 90 биле повредени.
„Тоа само ја јакне потребата да бидеме со вас во сите ваши борби“, рече шведскиот премиер.
Украина и Шведска, исто така, потпишале договор со кој се предвидува дека Украина ќе почне да ги произведува шведските борбени оклопни возила „CV90“, какви што претходно седмицава изложи во Москва руската војска кои ги запленила на украинското боиште.
Зеленски треба да се сретне и со претседателот на шведскиот парламенти, со врховниот командант на шведските вооружени сили и со лидерите на главните шведски политички партии, според соопштението на шведската влада.
Шведска на Украина досега ѝ предала тенкови, системи за противоздушна одбрама и борбени оклопни пешадиски возила. Шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон изјави во вторникот дека владата планира нов пакет воена помош за Киев во вредност од 313,5 милиони мерикански долари која во најголем дел ја сочинуваат муниција и резервни делови за претходно испорачаната воена опрема. Тоа ќе биде 13-от шведски пакет воена помош за Украина, кој според Стокхолм изнесува 1,8 милијарди долари.