Апокалиптични сцени од Медитеранот – гори од Чанаккале во Турција до Канарските острови во Шпанија

Апокалиптични сцени од Грција. Грчките пожарникари и натаму се борат со разорните пожари во Еврос и во Александропулос и во шума над Дадија каде беа откриени 18 јагленосани тела, за кои се верува дека се мигранти, на две одвоени локации. Покрај овие, критичните се фронтовите и на Евија, Самотраки, Макракоми и Родопи на истокот на земјата. Од саботата до денеска се забележани дури 300 пожари ширум Грција кои досега уништија површина од 400.000 хектари.

Драматична е ситуацијата и во Ханиоти, една од посетените дестинации на македонските туристи која изгледа како да е посипана со песок поради огромната количина на чад што се надвисна над градот. Во гаснењето на пожарите се вклучени стотици пожарникари кои имаат помош од локалното население, но и поддршка од воздух со десетина авиони кои континуирано фрлаат вода врз огнот. Дополнителен проблем на нивните натчовечки напори прават високите температури и силниот ветар.

Наредена е евакуација на неколку населени места, десетици болнички пациенти се евакуирани во Александропулос и привремено се сместени на траект, а локалните жители не забораваат ниту на домашните животни. Неконтролирани пожари, освен кај Александропулос, беснеат и во покраината Атика, на островите Еубеа и Китнос и во провинцијата Беотија.

Активни пожари во моментот има и во Италија, каде беснеат два во близина градот Санремо. Четириесетина пожарникари со три авиони дејствуваат врз огнената стихија. Пожарот, пак, на островот Елба, во Тоскана, барем засега е ставен под контрола, а од претпазливост се евакуирани 700 лица од домови и кампови. Предупредувања за опасност од пожари се издадени и во Трст, во Рим и во Палермо.

Пожари беснеат и во Шпанија и во Романија, како и во Турција каде се евакуирани девет села во пограничното подрачје со Грција, по пожарите кои зафатија површина од 1.500 хектари. Според турското министерството за внатрешни работи, 54 лица се пожалиле на вдишување на чад, а 48 од нив се хоспитализирани во локалните болници.