Цените на нафтата се стабилни на глобалните пазари

Цените на нафтата се стабилизираа во четвртокот на меѓународните пазари додека инвеститорите го очекуваа говорот на претседателот на американската централна банка Federal Reserve (Fed) Џером Пауел во Џексон Хол за дополнителни насоки за каматните стапки.

Цената на барелот се стабилизираше на лондонскиот пазар во однос на претходното затворање на 83,27 долари. На американскиот пазар барелот се продаваше и по речиси непроменета цена од 78,22 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во средата барел нафтена кошница на нејзините членки падна за 66 центи на 85,84 долари.

Податоците за производната активност во индексот на менаџери за набавка (PMI) на голем број големи економии во средата покажаа мрачна слика за нивното здравје и ја зголемија загриженоста за побарувачката.

Јапонија во августот објави за намалување на фабричката активност трет месец по ред во август. За повеќе од очекуваното падна и деловната активност во еврозоната, особено во Германија, а се чини дека активноста во британската економија ќе се намали во тековниот квартал, а постои и опасност таа да западне во рецесија. Деловната активност на САД се приближи до стагнација во август, со најбавен раст од февруари.

„Послабиот замав на растот во Кина е главната причина за влошување на глобалните производствени активности. Ова ги оптоварува европските земји, како што е Германија, каде растот е сè уште силно изложен на кинеската побарувачка“, истакнуваат аналитичарите на „BCA Research“.

Во меѓувреме, официјални лица од Fed, Европската централна банка, како и централните банки на Велика Британија и на Јапонија пристигнуваат во Џексон Хол на редовниот годишен симпозиум, а инвеститорите ги чекаат нивните изјави за да добијат сигнали за идната насока на каматните стапки.

Американските власти, во меѓувреме, работат на предлог со кој ќе се ублажат санкциите насочени кон нафтениот сектор во Венецуела, дозволувајќи им на повеќе компании и земји да ја увезуваат нејзината сурова нафта доколку јужноамериканската земја се придвижи кон слободни и фер претседателски избори.

Повеќе од очекуваниот пад на залихите на сурова нафта во САД помогна да се поддржи пазарот.

Во меѓувреме, аналитичарите очекуваат Саудиска Арабија, лидерот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), да го продолжи своето доброволно намалување на производството од еден милион барели дневно во октомври за да ги поддржи пазарните цени.