
Кремљ децидно во петокот отфрли дека наредил егзекуција на Евгениј Пригожин, шефот на паравоената формација „Вагнер“ за кој се смета дека загинал во пад на приватен млазен авион во средата вечерта северозападно од Москва.
Во падот на млазниот авион за деловни патувања од моделот „Embraer Legacy“ загинаа десет лица, тројца членови на екипажот и седум патници. На списокот со лицата на летот фигурира името на Пригожин и на уште двајца водечки команданти за борбените и разузнавачки операции на „Вагнер“.
„Тоа е апсолутна лата, на тоа прашање треба да му се пријде потпирајќи се на фактите. Во моментов сме сведоци на бројни нагаѓања во врска со воздухопловната несреќа и трагичната смрт на патниците, особено на Пригожин. Добро знаеме во која насока одат западните нагаѓања“, рече портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, на редовниот брифинг со новинарите акредитирани во Москва кои бараа коментар на инсинуацијата на западните челници дека зад несреќата стои рускиот државен врв.
Многу критичари на политиките на Кремљ или нивни приврзаници кои паднаа во немилост се убиени или биле цел на обиди за атентати изминатите децении, пишуваат западните медиуми. Меѓутоа, Кремљ секогаш одбива каква и да е вмешаност во тоа, а противниците досега не понудија никакви докази за своите тврдења.
Песков посочи дека истрагата за причините за падот на авионот со Пригожин е во тек. Потсети дека претседателот Путин во четвртокот во обраќањето пренесувано на државната телевизија рече дека траба да се почекаат службените резултати од истрагата.
„Во врска со воздухопловната трагедија во прв ред сака да им изразам искрено сочувство на семејствите на жртвите. Тоа секогаш е трагедија. Навистина, доколку службениците на групата Вагнер биле таму, а првите сознанија укажуваат дека биле, би сакал да истакнам дека тие луѓе дадоа значителен придонес на нашата заедничка работа, борбата против неонацистичкиот режим во Украина, тоа го паметиме, тоа го знаеме и никогаш нема да го заборавиме“, рече Путин.
„Го познавам Пригожин многу долго, од почетокот на 90-те. Тоа беше човек со тешка судбина, кој стори тешки грешки во својот живот, но постигнуваше добри резултати, па дури кога тоа беше барано од него за заедничката кауза, како последните месеци“, рече рускиот претседател.
„Беше надарен човек, надарен деловен човек, работеше не само во нашата земја и постигнуваше резултати, туку и во странство, особено во Африка. Учествуваше во работи со нафта, гас, благородни метали и скапоцени камења“, рече Путин на состанокот кој беше пренесуван на телевизијата.
„Колку што сум запознаен, вчера се вратил од Африка. И тука се сретнал со некои функционери“, додаде рускиот претседател.
Путин додаде дека шефот на Истражниот комитет, Алескадар Бастрикон го известил за почетокот на истрагата за несреќата. Рече дека во моментов се спроведуваат технички и генетски експертизи за коишто е потребно време, но вети дека истрагата ќе биде доведена до крајот.
„Ќе биде спроведена до крајот. Во тоа нема сомневање. Ќе видиме што ќе речат истражителите’, рече Путин.