
Поранешен вработен во Генералниот конзулат на САД во Владивосток, на рускиот Далечен исток, руски државјанин е проведен под обвинение дека соработувал во собирање доверливи информации во интерес на странска држава, пренесуваат во понеделникот руските медиуми повикувајќи се на соопштението на руското внатрешно контраразузнавање Федералната служба за безбедност (ФСБ).
Според ФСБ, приведениот идентификуван како Роберт Робертович Шонов, потврдил дека му пристапиле двајца американски дипломат и од септември 2022 година, половина година по почетокот на руската инвазија во Украина, до моментот на апсење за парична награда извршувал задачи коишто му ги поставувале службеници од политичкиот оддел на американската амабсада во Москва.
Како што било утврдено во истрагата, Шонов требало да собира податоци за руските воени операции во Украина, податоци за мобилизацијата, за подготовките за претседателските избори во Русија кои треба да се одржат следната 2024 година, како и да известува за протестното расположение меѓу руските граѓани, како и ситуацијата во анектираните украински региони.
Во врска со овој инцидент, руското ФСБ објави дека планира да разговара со американските дипломати во Москва, Џефри Силин и Дејвид Бернстајн, кои според уапсениот биле неговите контакти.
Шонов во истрагата признал и дека првиот секретар на американската амбасада Дејвид Бернстајн, барал од него да пронајдени новинари, бизнисмени и политичари, кои ги симаптизираат САД и кои подоцна би можеле да собираат доверливи информаиции.
Американскиот Стејт департмент притворањето и обвинувањата против Роберт Шонов ги нарече целосно неосновани. Во одговорот на американската дипломатија се посочува дека мажот работел во Генералниот конзулат на САД во Владивосток повеќе од 25 години, а откако на странските дипломатски мисии им беше забрането да вработуваат руски државјани како одговор на протерувањето на стотици руски дипломати и затворање на руски дипломатски мисии во западните земји што се одвива со години наназад, тој се преместил со работа во локална компанија којашто давала услуги на амбасадата во Москва „во строга согласност со рускиот закони и прописи“.
„Единствената улога на г-дин Шонов до време на апсењето беше да подготува материјали од медиумите и од јавно достапни извори во руските медиуми“, се додава во соопштението на Стејт департментот.
Според руската агенција РИА, која се повикува на судски документи во кои имала увид, Шонов „несогласувајќи се со ‘специјалната воена операција’ којашто ја спроведуваат вооружените сили на Руската Федерација, преку преписка воспоставил доверлива соработка со претставници на странска држава со цел да им помогне во активности свесно насочени против безбедноста на Руската Федерација“.