
Кошаркарите на САД и на Шпанија ги постигнаа вторите победи на годинешното Светско првенство, со што им се придружија на селекциите на Србија и Словенија коишто, исто така, во понеделникот претходно обезбедија пласман во втората фаза.
Американците ги совладаа играчки нерамноправните Грци со 109:81 (23:19, 27:18, 29:19, 30:25). По изедначената прва четвртина, Американците се одлепија во вториот дел од мечот, благодарение на Остин Ривс, кој влезе од клупата за да го разигра нападот, па репрезентацијата на САД се одлепи на полувремето на 50:37. Во текот на третата четвртина таа предност се зголеми на 79:56, а во четвртата четвртина во неколку наврати надминуваше и 30 поени.
Ривс беше најефикасен кај САД со 15 поени, Џејлен Браунсон и Ентони Едвардс додадоа по 13, а Георгиос Папајанис беше најефикасен кај Грција со 17 поени.
Со две победи во првите две кола, Американците го обезбедија првото место во групата и пласман во втората фаза, додека Грците паднаа на соодносот 1-1, каков има и Нов Зеланд, кој го совлада Јордан со 95:87 по продолжение претходно во понеделникот, а јорданската селекција е елиминирана со два пораза. Во последното коло в среда, Грција и Нов Зеланд меѓусебно ќе одлучат кој ќе им се придружи на САД меѓу најдобрите 16 репрезентации.
Бранителот на титулата Шпанците ги победија Бразилците со 96:78 (21:22, 29:20, 14:17, 32:19) на средбата од групата Г во Џакарта. Шпанците ја презедоа контролата врз резултатот во втората четвртина, но мечот го решија во своја полза дури на почетокот на четвртата. Упорните Бразилци во неколку наврати се враќаа од двоцифрена негатива на пет-шест поени минус, последен пат со „тројка“ на Меиндл на крајот од третата четвртина. Сепак, порасположените Шпанци ја отворија последната делница со серија 15:3, се одвоија на 79:62 и прашањето на победникот беше решено.
Сантијаго Алдама со 15 и Вили Ернангомез со 14 погодоци ги предводеа Шпанците, додека Бруно Кабокло со 15 и Јаго Сантос со 14 коша беа најефикасни кај Бразил.
Шпанија го обезбеди првото место во групата со 2-0 по првите две кола и оди во втората фаза, Бразил е на 1-1, исто како и Брегот на Слоновата Коска, кој претходно во понеделникот го совлада Иран со 71:69, па Бразил и Брегот на Слоновата Коска во среда во директен дуел ќе решаваат за вториот патник од оваа група, додека Иран е елиминиран со 0-2.
Кошаркарите на Словенија и Србија претходно практично обезбедија втора фаза на Светското првенство, победувајќи ги во второто коло најсилните ривали во групата – Грузија односно Порторико.
Во Окинава словенечките кошаркари без значителни потешкотии ја совладаа Грузија со 88:67, иако Грузијците ја добија првата четвртина. Во продолжение Словенците го забрзаа ритамот, па разликата на почетокот од четвртиот дел од играта беше плус 22.
Лука Дончиќ повторно беше најдобар стрелец кај Словенија, нанижа 34 поени, 10 скока и 6 асистенции. Зад него беа Клемен Препелич со петнаесет поени и Зоран Драгич со дванаесет, додека првото име кај Грузија беше Сандро Мамукалашвили со 21 поен и 7 скока.
Словенија во среда од 13,30 часот игра и со Зелено’ртски острови кои денеска ја совладаа Венецуела, а во втората фаза, која исто така ќе ја играат во Јапонија, ќе одиграат уште две средби со Германија, Австралија или Јапонија. Меѓу осумте најдобри ќе се најдат само двете првопласирани од втората фаза во Манила.
Србите убедливо го совладаа Порторико со 94:77 во Манила, а разликата кон средината на втората четвртина изнесуваше огромни 32 поени. Богдан Богдановиќ и Никола Јовиќ ги предводеа Србите со по 17 поени, а Исаих Пинеиро со 14 поени кај Порториканците.американско беспилотно летало кое се приближувало на Крим, што е најмалку третиот таков случај од почетокот на август.