
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Анџела Агелер во касарната „Илинден“ во Скопје ги посетија припадниците на специјалните сили на македонската Армија, Вооружените сили на САД и Армијата на Албанија, кои заеднички ги развиваат своите способности и вештини.
Како што информираат од Министерството за одбрана, Петровска пред специјалците порачала дека и ова заедничко извежбување ја покажува блиската соработка помеѓу сојузниците во НАТО.
„Драго ми е што сите заедно вежбате, ги подобрувате вашите способности и на овој начин ги развивате способностите со што сте секогаш подготвени да реагирате доколку е потребно. Продолжете да работите заедно, затоа што на тој начин сме многу посилни и тоа е нешто на кое ние сите се потпираме“, се наведува во пишаната изјава на Петровска.
Амбасадорката на САД се заблагодарила за посветеноста на сите учесници на вежбата и изјавила дека, имајќи ги предвид опасностите со кои се соочува светот, индивидуалната и колективната подготвеност е поважна од кога било порано. Таа истакнала оти е горда на заедничката соработка и се заблагодарила на домаќинот на вежбата.
„Заедничката вежба се реализира во касарната „Илинден“ од страна на здружени состави од специјалните сили од Северна Македонија, САД и од Албанија, согласно претходно утврдено сценарио. Заедничкото извежбување ги зголемува оперативната способност и подготвеноста на специјалните сили. Вежбата започна на 21 август годинава, а ќе заврши на 1 септември. Со учеството и обуката на здружените формации, се постигнува напредок на одбранбените способности“, се истакнува во соопштението на Министерството за одбрана.