
Изразуваме голема загриженост во однос на вознемирувачките информации изнесени во медиумите за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија, реагираат од Лекарската комора откако вчера МВР и Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје влегоа во оваа здравствена установа за да направат претрес во рамки на предистрага.
„Ако наводните злоупотреби се покажат како вистинити ќе значат голема повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност, што треба да бидат приоритет во работата на секој лекар и секој здравствен работник воопшто. Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба, не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата која се обезбедува од пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци“, велат од Лекарската комора.
Оттаму истакнаа дека им даваат поддршка на надлежните институции и очекуваат што поскоро да се расчистат сомнежите, како и да се споделат со јавноста точни информации за тоа што се случувало на Клиниката за онкологија.
„Цврсто сме убедени дека на Клиниката за онкологија и радиотерапија има чесни здравствени работници кои совесно, одговорно и професионално ги лекуваат пациентите и овие успешни приказни исто така треба да добијат простор во јавноста, поради што и истакнуваме дека не треба да се даваат колективни осуди, туку точно треба да бидат посочени и санкционирани виновниците врз основа на релевантни докази“, додаваат од Лекарската комора.
Комората додава дека навремено и соодветно ќе реагира ако се докаже дека лекари од оваа клиника правеле злоупотреби со кои ги повредиле етичките принципи и кодексот на медицинската деонтологија.