
Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 90 долари на меѓународните пазари во средата, балансирајќи меѓу посилниот долар и најавите на Саудиска Арабија и Русија дека ќе ја ограничат понудата до крајот на годината.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 90,14 долари. На американскиот пазар порасна за 23 центи, на 86,92 долари.
Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека цената на барел од референтната кошничка нафта на нејзините членки е речиси непроменета на 91,27 долари во вторникот.
Трговците вчера беа изненадени од најавата на Саудиска Арабија дека ќе ја намали понудата за уште еден милион барели дневно до крајот на годината, бидејќи очекуваа да ја продолжи одлуката само до крајот на октомври. И Русија најави дека ќе ја продолжи одлуката за намалување на извозот за 300.000 барели дневно до крајот на декември.
Во средата, пазарите се фокусираа на саудиската нопомена дека ќе ја анализира состојбата на пазарот секој месец за да утврди дали треба дополнително да се намали или можеби да се зголеми производството, според извештајот на службената саудиска новинска агенција SPA.
„Пазарот отпушти половината од (вчерашната) добивката и утрово беше без волја, бидејќи текстот на заедничката објава ја крие забелешката дека намалувањето ќе се анализира секој месец“, објаснува аналитичарот на PVM, Џон Еванс.
Саудиска Арабија и Русија ја намалуваат понудата покрај договорот на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), која летово одлучи да стави помалку барели на пазарот до крајот на следната година.
Противтежа на најавата за подолг период на намалена понуда беше посилниот американски долар, што ја намалува куповната моќ на купувачите со други валути, намалувајќи ја побарувачката. Индексот што го следи движењето на доларот во однос на кошницата од шест други валути во средата беше блиску до највисокото ниво во последните шест месеци .