
Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун во неделата отиде со воз дома по еднонеделната посета на Русија во текот на којашто разговараше со претседателот Владимир Путин за поблиска воена и други видови соработка, објавија севернокорејските и руските медиуми.
На видеото објавено од руската државна новинска агенција РИА во неделата се гледа како Ким оди по црвениот тепих кон воз во далечноисточниот руски град Артјом на звукот на воениот оркестар и одпоздравува кон собраните. Артјом е 254 километри од станицата Хасан на руската граница со Северна Кореја.
Посетата на Русија на севернокорејскиот лидер, кој ретко ја напушта својата земја, означува „нов врв на пријателство, солидарност и соработка во историјата на развојот на односите меѓу КНДР и Русија“, соопшти севернокорејската државна новинска агенција KCNА.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва сака да развие „еднаква и правична соработка“ со Северна Кореја и покрај санкциите наметнати на Пјонгјанг од страна на Советот за безбедност на ОН.
„Ние не воведовме санкции за Северна Кореја, Советот за безбедност го направи тоа. Затоа, контактирајте го Советот за безбедност и ќе развиеме еднаква и правична соработка со КНДР“, рече Лавров во интервју за државната телевизија, чии делови беа објавени во медиумите во недела.
Кремљ најави дека се придржува до санкциите на ОН, но во исто време има право да развива добрососедски односи, кои ги вклучуваат и оние поврзани со чувствителни теми.
Соединетите држави и сојузниците се загрижени за затоплувањето на воените врски меѓу двата соседа додека Русија ја продолжува својата инвазија на Украина, а Северна Кореја, изолирана комунистичка држава, продолжува да развива нуклеарни проектили и планови.