Полска може да забрани увоз на нови прехранбени производи од Украина

Полска би можела да го забрани увозот на дополнителни украински прехранбени производи, изјави во средата премиерот Матеуш Моравјецки, предупредувајќи го Киев да не го ескалира спорот околу увозот на житарките.

Варшава, и покрај историските спротиставености, е еден од најголемит сојузници на Киев откако Москва ја започна својата инвазија во февраури 2022 година, но двете земји сега се спорат околу увозот на земјоделски производи откако Полска, заедно со Унгарија и Словачка, ја продолжи забраната за увоз на житарки од соседна Украина.

„Ги предупредувам украинските власти, бидејќи ако сакаат да го ескалираат спорот на овој начин, ќе додадеме повеќе производи на забраната за увоз на територијата на Република Полска“, изјави Моравјецки за телевизијата Polsat News.

Портпаролот на Светската трговска организација (СТО – WTO) во вторникот потврди дека Украина го направила првиот чекор во трговскиот спор со жалбено барање до глобалното тело. Тој не ги именуваше земјите, но Киев претходно соопшти дека жалбата се однесува на Полска, Словачка и Унгарија.