
Норвешкиот капитен на Арсенал, Мартин Одегард, потпиша продолжување на договорот со лондонскиот клуб до 2028 година.
Одегард дојде во Арсенал од Реал Мадрид во 2021 година, а оттогаш одигра 112 натпревари за „Топчиите“ и постигна 27 гола.
Како што самиот играч наведува во објавите на Х (поранешен Twitter), многу е среќен што нашол дом на стадионот „Емирати“.
„Потпишувањето нов договор беше лесна одлука за мене поради многу причини, но најмногу затоа што ова што сега го правиме во клубот е посебно и сакам да бидам дел од него. Навистина сум возбуден за сѐ што нѐ очекува. Пронајдов место каде што можам да се скрасам и што можам да го наречам дом“, изјави 24-годишниот Одегард.
Норвежанецот постигна три гола на седум натпревари оваа сезона, вклучувајќи го и погодокот против ПСВ Ајндховен во Лигата на шампионите (4:0) во средата.
Минатата сезона Арсенал заврши на второто место зад Манчестер Сити, а оваа сезона по пет кола е четврти со 13 бода, исто толку колку и второпласираниот Тотенхем и третопласираниот Ливерпул.