
Ерменците кои живеат во Карабах изјавија дека во суштина се под опсада, со малку храна, струја и гориво и побараа од светските сили да им помогнат.
Русија објави дека испратиле и помош, 50 тони храна и други материјали.
Москва претходно соопшти дека ерменските борци во Карабах почнале да го предаваат оружјето откако Азербејџан ја презеде контролата врз регионот.
Американскиот сенатор што ја предводи конгресната делегација на ерменско-азербејџанската граница денеска изјави дека меѓународните набљудувачи треба да ја следат ситуацијата во Нагорно-Карабах, додавајќи дека луѓето „многу се плашат“ од она што се случува таму.
„Секако дека сум многу загрижен за тоа што се случува во Нагорно-Карабах сега, мислам дека е потребна видливост“, изјави Гери Питерс, демократ од Мичиген, за новинарите на границата.
„Светот треба да знае што се случува“, рече тој. „Слушнавме од владата на Азербејџан дека нема што да видиме, нема што да се грижиме, но ако е така, тогаш треба да им дозволиме на меѓународните набљудувачи да го видат тоа“, рече тој.
Ерменија ја нарече воената операција на Азербејџан „злосторство против човештвото“ и пред Советот на ОН за човекови права тврдеше дека се врши „етничко чистење“, пренесува АФП.
Вчера азербејџанските војници го опколија градот Степанакерт, чие население се „затвори во визбите“ во страв од „колење“, изјави портпаролот на локалните власти.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев вети дека ќе ги гарантира правата на ерменското население во тој регион и нагласи дека тој ќе биде претворен во „рај“ како дел од Азербејџан.
Азербејџан најави дека ќе ги амнестира сите ерменски борци од Нагорно Карабах кои ќе го предадат оружјето.
Досега се предадени шест оклопни возила, повеќе од 800 парчиња лесно оружје и околу 5.000 парчиња муниција, соопшти 23-от контингент на руските мировни сили, пренесува Франс прес.
Молскавичната 24-часовна воена операција на Азербејџан ги принуди етничките Ерменци во Карабах да прифатат понижувачки договор во средата што поттикна повици за оставка на ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
САД изразија длабока загриженост поради „воените дејствија на Азербејџан“.
Нагорно-Карабах – дом на околу 120.000 жители – лежи на територијата на Азербејџан, но е населен со ерменско мнозинство и долго време е предмет на борба меѓу двете поранешни советски републики.
Ерменски извори тврдат дека за време на еднодневните борби загинале повеќе од 200 луѓе, а повеќе од 400 биле повредени.
Десетици илјади ерменски цивили во регионот сега стравуваат од протерување или прогонство, а Ерменија се подготвува за можна евакуација.
Илустрација за судбината на ерменското население во Нагорно Карабах се зборовите на луѓето кои останаа на патот, без ништо.
Арменуи Карапетјан, Ерменец од Карабах, рече дека сега е бездомник со само неколку ситни предмети и фотографија од неговиот 24-годишен син, кој почина во 2020 година.
„Денес сме фрлени на пат – сега сме скитници“, изјави тој за Ерменија А1+. „Тагувам за земјата за која нашите момчиња ги жртвуваа своите животи“, рече тој.
Илјадници Ерменци се собраа на аеродромот барајќи заштита од руските мировници.
Свјетлана Алаверџан од село Арајаџор избегала само со облеката што ја носела кога пукале во селото.
„Пукаа од сите страни и ние излеговме еден по еден, не земавме облека“, рече таа. „Имав два сина – ги подарив, што повеќе да дадам? Суперсилите ги решаваат своите проблеми на наша сметка.“
Ерменскиот премиер Пашинјан рече дека земјата се подготвила за евентуално пристигнување на 40.000 бегалци, иако би било подобро ако Ерменците од Карабах можат да останат во своите домови.