
На светските пазари цените на нафтата благо паднаа минатата седмица, по трите седмици раст, бидејќи поради високата инфлација, каматните стапки на централните банки ќе останат зголемени подолго од очекуваното, што ќе го забави растот на економиите а со тоа и ќе ја намали побарувачката на „црното злато“.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата седмица се лизна за 0,7 отсто, на 93,27 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 0,8 отсто, на 90,03 долари. По минатонеделниот пад, цената на барелот на лондонскиот пазар поскапе за околу 9 отсто во однос на почетокот на годината, а на американскиот пазар за околу 12 отсто.
Откако пораснаа три седмици по ред и достигнаа највисоки нивоа оваа година, цената на нафтата благо падна минатата седмица. Тоа е резултатот од пораката на американската централна банка Federal Reserve (Fed). Додуша, челниците на Fed не ги зголемија дополнително каматните стапки на минатонеделната седница, но рекоа дека до крајот на годината би можеле да ги зголемат уште еднаш и да ги задржат на зголемените нивоа подолго од очекуваното.
Таквото сценарио е најверојатно и за другите централни банки на западните земји, бидејќи инфлацијата не се намалува толку брзо како што се надеваа инвеститорите и трговците. А тоа значи дека растот на економиите дополнително ќе се забави, што секако ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.
„На краток рок, цените веројатно ќе се дефинираат главно со сигнали на страната на побарувачката“, оценуваат аналитичарите на „Commerzbank“ во такво опкружување.
Од друга страна, цените се поддржани од намаленото производство на Саудиска Арабија и Русија. Овие водечки извозници ќе ги намалат испораките до крајот на годинава за вкупно 1,3 милиони барели дневно. Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници познати како OPEC+, исто така, се согласија да го намалат производството. На овој начин овие земји се обидуваат да ги задржат зголемените цени на нафтата со оглед на тоа што побарувачката слабее поради забавувањето на растот на најголемите светски економии.
Минатата седмици трговците беа изненадени од најавата на Русија дека привремено го забранува извозот на бензин и дизел за да обезбеди снабдување на домашниот пазар во време на жетвата и да ги стабилизира цените. Москва не соопшти колку долго оваа мерка ќе биде на сила.