
Советот за конкуренција на Европската унија во понеделникот усвои заеднички став за новите правила за намалување на емисиите од моторните возила наречени Еуро7, кои првпат вклучуваат ослободување на опасни цврсти честички и микропластика, кои се создаваат при употреба на сопирачки и гуми.
Новите правила ги покриваат емисиите на загадувачки материи од возилата од автомобилите, камионите и комбињата и првпат вклучуваат ослободување на опасни цврсти честички и микропластика, кои се создаваат при користење на сопирачките и гумите, што значи дека ќе се применуваат и за електричните и возилата на водород.
Министрите одговорни за внатрешниот пазар и индустријата усвоија заеднички став на земјите-членки, врз основа на кој ротирачкото претседателство ќе преговара со Европскиот парламент за конечниот нацрт на законот.
Усвоениот став е прилично разводнет во однос на предлогот на Европската комисија.
Еуро7 поставува ограничувања за емисиите како што се честичките од сопирачките и гумите, пропишува минимални барања за траење на батеријата во електричните автомобили и наметнува построги барања за векот на возилото. Регулативата предвидува и употреба на напредни технологии и алатки за следење на емисиите.
Во својот став, Советот ги задржа постојните гранични вредности на емисиите од Еуро6 за лесни возила, додека предложи пониски гранични вредности за емисиите за тешки возила. Еуро7 содржи и специфична одредба за градските автобуси за да се обезбеди усогласеност со новопредложената цел за нулта емисија на штетни гасови за овие возила до 2030 година.
Комисијата предложи построги ограничувања за емисиите на јаглерод моноксид и азотен оксид од сопирачките и гумите. Сепак, осум земји со силни автомобилски индустрии се противат на построгите правила, тврдејќи дека производителите на автомобили веќе се под голем притисок да се придржуваат до забраната за продажба нови возила со мотори со внатрешно согорување од 2035 година.
Производителите на автомобили тврдат дека Еуро7, кој треба да стапи на сила во 2025 година, е премногу скап, а придобивките од животната средина се занемарливи, ќе им отежне да се префрлат на електрични возила и ќе ги принудат да инвестираат во мотори со согорување кои немаат иднина.
Во соопштението за печатот на Советот се посочува дека со усвоениот став е постигнат баланс „помеѓу строгите барања за емисии на возила и дополнителните инвестиции во индустријата, во време кога европските производители на автомобили минуваат низ трансформација кон производство на автомобили со нулта емисија“.
Преговорите за конечниот текст на регулативата ќе започнат кога Европскиот парламент ќе го договори својот став за предлогот на Комисијата.