Над 13.000 бегалци пристигнаа во Ерменија, 20 загинаа во експлозија на гориво

Повеќе од 13.000 бегалци кои бегаат од Нагорно-Карабах пристигнаа во Ерменија, соопшти во вторникот ерменската влада, речиси една седмица по почетокот на азербејџанската офанзива и капитулацијата на сепаратистите во спорната енклава.

„Владата обезбедува сместување за сите оние кои немаат каде да живеат“, соопштија ерменските власти, прецизирајќи дека регистрацијата на бегалците продолжува.

Во исто време, локалните ерменски власти објавија дека најмалку 20 лица загинале во експлозија во складиште за гориво во Нагорно Карабах во понеделникот. Според нивниот извештај, 290 лица биле примени во болниците, а десетици од нив „и понатаму се во критична состојба“.

Егзодусот на илјадници Ерменци од Нагорно Карабах продолжува во вторник, речиси една седмица по молскавичната инвазија на Азербејџан на оваа кавкаска енклава исориски претежно населена со Ерменци, а за денеска во Брисел е закажана средба на претставниците на двете страни.

Илјадници жители на Нагорно-Карабах се засолниле во Ерменија, и покрај ветувањето на Азербејџан кое во понеделникот го повтори неговиот претседател Илхам Алиев, дека правата на Ерменците кои остануваат во енклавата целосно стаена под контрола на азербејџанската војска „ќе бидат загарантирани“.

Европската унија во вторник во Брисел треба да ги прими високите претставници на Ерменија и Азербејџан. Двете поранешни советски републики се судрија воено од 1988 до 1994 година, со 30.000 мртви, и во есента 2020 година со 6.500 мртви. Бројот на загинати во минатонеделната азербејџанска воена операција е 200 мртви, објави ерменската страна.

Со состанокот во Брисел ќе претседава Симон Морду, главен дипломатски советник на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Азербејџан и Ерменија, како и Франција и Германија, ќе бидат претставени од нивните советници за национална безбедност. Ќе учествува и специјалниот претставник на ЕУ за Јужен Кавказ, естонскиот дипломат Тоиво Клаар.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан и азербејџанскиот претседател ќе се сретнат на 5-ти октомври во шпанска Гранада, со учество на францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, средба која е планирана долго време и не е откажана, пренесе во вторникот AFP.