
Полска би можела да воведе проверки на границата со Германија поради стравувањата од илегални мигранти, изјави владиниот портпарол за телевизската мрежа Polsat News доцна вечерта во вторникот.
Во вторникот Полска веќе воведе проверки на некои возила кои преминуваат во земјата од Словачка, за кои се сомничат дека превезуваат илегални мигранти, изјави министерот за внатрешни работи Мариуш Камински.
Словачка се бори со бројните илегални мигранти, чијашто бројка во таа земја е деветкратно зголемен во споредба со онаа од пред една година, на повеќе од 27.000 во 2023 година, покажуваат податоците на тамошното Министерство за внатрешни работи.
„Се плашиме дека во секој момент може да дојде до пристигнување од Италија. Затоа размислуваме за контроли на полско-германската граница од наша страна, бидејќи се плашиме од сообраќајот што ќе доаѓа од Италија“, изјави портпаролот на полската влада Пјотр Мулер за приватната телевизија Polsat News, мислејќи на илегалните мигранти.
Илјадници мигранти кои патуваата со разни пловила од северот на Африка овој месец во рекордна бројка пристигнаа на италијанскиот остров Лампедуза.
Во меѓувреме, Германија доцна во вторникот објави дека ќе воспостави посилни гранични контроли со Полска и Чешка за борба против трговијата со луѓе. Потегот на Германија за заострување на граничните контроли дојде откако во саботата канцеларот Олаф Шолц ја повика полската влада да ги разјасни наводите за парите што наводно ги дале мигрантите за да добијат визи.
Во интервју за јавната телевизија Deutschlandfunk, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, член на владејачката централно-левичарската Социјалдемократска партија на Германија (SPD) на канцеларот Шолц, рече дека Германија ќе воспостави стационарни гранични контроли со Полска и Чешка.
„Ќе подготвиме посилни гранични контроли за поефективна борба против трговците со луѓе“, нагласи Фезер но не кажа кога ќе се спроведат новите мерки.
Европското издание на весникот Politico објави дека новите контроли ќе бидат официјално објавени во среда.