
Првпат се случува пратеник од нашата држава да е известител за една држава, што е исклучително значаен момент, изјави во четвртокот Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во текот на неговата тридневна посета во Босна и Херцеговина во својсво на известител на Парламентарното собрание на Совет на Европа.
„Имаме средби со највисоките претставници на државата, со Владата, со пратениците, исто така имаме средби со шест амбасадори на Германија, Италија, Хрватска, Словенија, понатака на ОБСЕ. Исклучително битна средба со високиот претставник на Обединетите Нации за Босна и Херцеговина како и средба со Државната изборна комисија, средба со обвинителот за борба против организиран криминал и корупција, како и високиот совет кој што ги избира судиите и обвинителите во државата, секако и средби со граѓанскиот сектор и новинарите“, рече тој.
Николоски посочи дека клучно од тие средби е борбата со организираниот криминал и корупција, тоа е нешто што го засега целиот регион и е предуслов за напредок кон Европската Унија и за задржување на младите во државата.
„Заклучок на сите овие средби е дека клучно е борбата со организираниот криминал и корупција, тоа е нешто што го засега целиот регион и е предуслов за напредок кон Европската Унија и за задржување на младите во државата. Ова е и за мене секако и за Македонија една голема работа затоа што вакви мисии помагаат и на подобрување на меѓународниот углед на државата“, заклучи Николоски.