
Ексклузивното рели на скапи автомобили на Сардинија заврши со трагедија во која две лица изгореа во скапо „Ферари“. Изгореното и целосно згмечено црвеното „Ферари“ лежело покрај патот на италијанскиот остров Сардинија. Веднаш зад него се наоѓало превртено Ламборџини, како и други луксузни автомобили. Брачна двојка (63 и 67 години) од Швајцарија загинале во остатоците од „Ферарито“, пренесува „Билд“.
Според италијанската агенција „Agenzia Italia“, патници во луксузни автомобили учествувале на повеќедневниот настан „Sardinia Supercar Experience“.
Во текот на шест дена, учесниците возат низ островот со „Ферари“ и „Ламборџини“, посетуваат локалитети и ноќеваат во скапи хотели. Доколку дојдат со сопствен автомобил, патувањето чини 11.999 евра. За 24.800 евра може да се резервира повеќедневно патување со изнајмен „Ферари СФ90“ од организаторот.
Туристите вчера наутро заминале за градот Теулада. Следната станица била на брегот на Иглесијас, каде учесниците на релито планирале заедно да одат во Масуа на ручек. Потоа требало да одат на ноќевање во Морес.
Во 10 часот и 30 минути изутрината црвеното изнајмено „Ферари“ пристигнало со Швајцареците во близина на градот Сан Џовани Серги пред индиската двојка во изнајменото „Ламборџини“ и другите возила во колоната. Кога „Ферарито“ се обидело да го претекне камперот што ја кочел колоната на правиот дел, го закачил „Ламборџинито“ кое исто така почнало да претекнува, при што дошло до фатален судир. „Ламборџини“ удрило во камперот и го превртело.
За жал,тоа било фатално за патниците од „Ферарито“.
Во судирот не е тешко повредена брачна двојка од Јужен Тирол (60 и 61), кои биле во камперот.
Како што јави италијанската новинска агенција Анса, „Ферарито“ се превртело по судирот. Потоа излетало од патот и се запалило. Двојката загинала во пламенот.
Синото „Ламборџини“ излетало од патот, но индискиот пар кој бил во тоа возило не бил тешко повреден.
Во несреќата учествувало и четврто возило, комбе.
По несреќата, Државната рута 195 била затворена во двата правци, а до противпожарната служба дежурал спасувачки хеликоптер. Учесниците на релито со луксузни автомобили застанале на патот во шок. Не се знае дали ќе го продолжат патувањето.