Санчез го доби мандатот да формира влада по неуспехот на конзервативците

 

Шпанскиот крал Филип VI. во средата му го даде мандатот за формирање влада на поранешниот социјалистички премиер Педро Санчез, откако претседателот на конзервативната Народна партија, Алберто Нуњез Фејо, не доби доволно поддршка во парламентот.

„Неговото височество кралот“, кој од петокот се консултираше со претставници на политичките партии, „ме информираше за неговата одлука да го предложи Педро Санчез во парламентот за кандидат за премиер“, објави Франсина Арменгол, претседател на Долниот дом на шпанскиот парламент.

За да ја обезбеди поддршката од парламентот, социјалистот ќе мора да ја има клучната поддршка од каталонските сепаратисти, кои бараат амнестија за своите претставници во притвор и егзил. Санчез, кој е премиер од 2018 година, мора да биде потврден од парламентот до 27-ми ноември. Доколку не му успее тоа, автоматски ќе бидат распишани избори во средината на јануари.

Неговиот конзервативен ривал Алберто Нуњез Фејо, лидер на Народната партија, која излезе како победник на изборите на 23-ти јули, но без јасно мнозинство, не успеа да обезбеди парламентарна поддршка минатата недела.

Тоа не му успеа на второто гласање за неговата кандидатура во 350-члениот парламент, при што 177 пратеници беа против, а 172 го поддржаа, а еден глас беше неважечки.

За формирање влада потребни се 176 од 350 гласови.