
Русија бара реизбор во Советот за човекови права на Обединетите нации следната седмица во, како што се смета, клучниот тест за напорите на Западот дипломатски да ја изолира Москва поради нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Во услови на сѐ појасни знаци на замор на светската јавност од војната во Украина, некои дипломати велат дека Русија има разумни шанси да биде повторно примена во Советот за човекови права на ОН на тајното гласање во вторникот, 18 месеци откако беше отстранета во кампањата предводена од САД.
„Мислам дека постои замор од Украина. И второ, многу луѓе не сакаат во телата на ОН да доминираат западните гласови, а да не зборуваме за хегемонистичките ставови“, изјавил за Reuters висок азиски дипломат, кој сакал да остане анонимен.
Критичарите на Русија велат дека нејзиниот реизбор додека речиси 20-месечната војна во Украина сè уште беснее со несмалено темпо, ќе го уништи кредибилитетот на Советот со седиште во Женева, едно од поефикасните тела на ОН.
Но, Москва активно ги бара гласовите на африканските, азиските и другите незападни земји во 193-членото Генерално собрание на ОН, напаѓајќи го она што го гледа како лицемерие и неправедна пристрасност од страна на Соединетите држави и нивните сојузници.
„Советот за човекови права мора да биде заштитен од злоупотреба како алатка за расчистување на политичките сметки и од практиката на двојни стандарди“, рече во четвртокот Василиј Небензја, рускиот амбасадор во Обединетите нации.
„Тоа се тактики на одредени држави… кои се прогласуваат за поддржувачи на човековите права“, рече тој на дипломатскиот прием на руската мисија во ОН во Њујорк.
Русија конкурира со Бугарија и Албанија за двете источноевропски места. На секој кандидати за успех му е треба мнозинство – најмалку 97 гласови – за да го добие тригодишниот мандат кој започнува на 1-ви јануари.
Иако во минатото беа избирани земји со сомнителен правен статус, набљудувачите велат дека никогаш во 17-годишната историја на Советот, земја толку широко обвинета за злосторства како Русија не добила право на глас.
„Очигледно би било погубно за кредибилитетот на Советот, но и за кредибилитетот на ОН во очите на луѓето – особено жртвите – ширум светот“, рече Марк Лимон, извршен директор на Universal Rights Group.
Минатиот март, Советот отвори истрага за војната во Украина и ги обвини руските сили за прекршувања што може да бидат злосторства против човештвото. Исто така, назначи истражител да ги испита наводите за кршење на човековите права во Русија.
За разлика од Советот за безбедност на ОН во Њујорк, каде Русија е една од петте постојани членки со право на вето, ниту една од 47-те членки на Советот за човекови права нема право на вето.