
Израелската војска го убила човекот за кого постојат сомневања дека ги организирал нападите на Хамас минатата сабота, објавија Израелските одбранбени сили (IDF).
Станува збор за Мерад Абу Мерад, командант на системот за воздушен надзор на Хамас во градот Газа, кој бил главно одговорен за наведувањето на борците во текот на споменатиот напад, според IDF.
Борците на радикалното исламистичко движење Хамас минатата сабота во операција без преседан истовремено истрелаа илјадници проектили врз Изеаел од Газа, ја пробија утврдената гранична линија и се обидоа да се инфилтрираат од море, а потоа тргнаа во брутален поход низ градовите, заедниците (кибуци) и на музички фестивал, убивајќи повеќе од 1.300 луѓе. Според израелските власти, притоа се земени околу 100 до 150 заложници.
Милитантите успеаја да продрат и во пограничните бази на израелската војска, убивајќи стотина војници и уништувајќи, запленувајќи и онеспообувајќи десетици оклопно возила, меѓу кои и тенкови.
Израел одговори со тешки бомбардирања на палестинската енклава Појасот Газа и самиот град Газа. Повеќе од 1.900 Палестинци се убиени во израелските напади, според палестнските здравствени организации.