
Претседателот на САД, Џо Бајден разгледува опции за посета на Израел во наредните денови, но сè уште ништо не е одлучено, изјави неименуван висок претставник на американската администрација.
Информацијата за можно патување на Бајден е во време кога државниот секретар Ентони Блинкен е на турнеја на Блиски Исток во обид да спречи израелската војна со Хамас да ескалира во поширок регионален конфликт.
Американскиот претседател изрази силна поддршка за Израел и неговата посета таму ќе биде јасен знак за поддршка на САД по нападот на Хамас на 7 октомври.
Во интервјуто за Си-Би-Ес што се емитуваше синоќа, Бајден сепак го предупреди Израел да не го окупира повторно Појасот Газа.
– Мислам дека тоа би било голема грешка. Видете, она што се случи во Газа, според мене е Хамас, а екстремните елементи на Хамас не го претставуваат целиот палестински народ. И мислам дека би било грешка Израел повторно да ја окупира Газа“, наведе Бајден при тоа додавајќи оти е неопходно елиминирањето на екстремистите.