Жртви на терористичкиот напад во Брисел се двајца мажи од 70 и од 60 годишна возраст

Жртви на терористичкиот напад што се случи во понеделникот вечерта во Брисел се двајца мажи на возраст од 70 и од 60 години. Третото лице, кое е тешко рането и е во болница, исто така има 70 години, јавуваат белгиски медиуми.

Во соопштението од шведското Министерство за надворешни работи се вели дека 70-годишниот маж живеел во областа Стокхолм, а 60-годишниот во странство. Кај него е пронајден швајцарски пасош, па можно е да имал двојно државјанство на Шведска и Швајцарија.

Тие беа убиени во понеделникот вечерта околу 19.15 часот во близина на плоштадот „Саинктелете“ во Брисел. Биле облечени во дресовите на шведската фудбалска репрезентација која синоќа играше против Белгија. Местото на нападот е на околу шест километри од стадионот на кој се играше натпреварот и кој беше прекинат по првото полувреме.

Во нив пукал со огнено оружје тунискиот државјанин Абдесалем Л., кој и покрај одлуката за протерување од Белгија, од пред две години илегално престојувал во земјата.

Абдесалем Л. ги следел жртвите кои излегле од такси и потоа пукал кон нив од автоматско оружје. Третото лице кое е тешко рането, е таксистот.

Напаѓачот побегна, а по него следеше потрага и безбедносната закана во Брисел беше подигната на највисоко ниво.

Во вторникот наутро, по дојава од сведок, полицијата го лоцира напаѓачот во близина на кафуле во бриселската општина Шарбец, интервенирала околу 7 часот и 30 минути, пукала и го ранила осомничениот, кој почина во болница.