
Најмалку стотина демонстранти ја окупираа зградата на американскиот Конгрес во средата, барајќи од пратениците и администрацијата на Џо Бајден да извршат притисок за прекин на огнот во паленстинската енклава Појасот Газа, која Израел ја бомбардира по нападот на Хамас врз 7-ми октомври.
Облечени во црни маици на кои пишува „Евреите велат: прекинете го огнот сега“ и „Не во наше име“, тие седеа плескајќи со рацете и скандирајќи во ротондата на зградата Канон, во која се сместени голем број канцеларии, и развија големи транспаренти со натписите „Примирје“ и „Пуштете ја Газа да живее“.
Полицијата приведе неколку демонстранти.
„Не се дозволени протести внатре во зградите на Конгресот“, објави полицијата на платформата Х. „Ги предупредивме демонстрантите дека мора да го прекинат протестот и кога не послушаа почнавме да ги апсиме“.
Протестот е организиран на повик на движењето „Еврејски глас за мир“ (Јеwish Voice for Peace) , кое повикува на примирје и се спротивставува на „етничкото чистење на Палестинците од страна на израелската влада“.
Претходно, стотици луѓе се собраа во паркот Нешнел Мол во близина на Капитол, барајќи од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да се заложи за прекин на огнот.
„Бајден е навистина единствениот кој има моќ да изврши притисок врз Израел во моментов и тој мора да ја искористи таа моќ за да спаси невини животи“, рече 32-годишната Хана Лоренс, која дојде од сојузната држава Вермонт.