ЕУ го враќа Европскиот филмски фестивал во Русија

Европската унија во ноември ќе го врати Европскиот филмски фестивал во Русија, во онлајн верзија, и покрај руската инвазија во Украина, објави во петокот германската новинска агенција DPA.

Фестивалот кој не се одржа во 2022 година поради војната, ќе прикаже 21 филм од европските земји. Фестивалот ќе се одржи онлајн од 1-ви до 15-ти ноември, главно бесплатно, најавува европската делегација во Москва.

„Дури и во контекстот на руската агресија против Украина, ЕУ сака да покаже дека односите меѓу Европејците и Русија може и натаму да постојат“, изјавил амбасадорот на ЕУ во Москва, Роланд Галараг.

Истакнал дека тоа што ЕУ ја прекинала соработката со руската влада поради војната не треба да се рефлектира на рускиот народ. Амабсадорот притоа не се осврнал на фактот што земјите во ЕУ ги забранија уметничките дела од руски автори и ги откажуваа настапите на руските уметници.

„Киното ги обединува луѓето. Руската култура и уметност служат како извори за збогатување на создавањето филмови во Европа“, рекол дипломатот.

На фестивалот ќе бидат прикажани и две руски копродукции.

На европското претставување на филмот во Москва на екранот биле прикажувани слогани за човековите права и слободи. Дел од гостите на настанот кој не бил јавно најавен наводно зборувале за атмосферата на запалшување во сите свери на руското општество, пишува DPA.

Филмовите ќе бидат прикажани на оригиналниот јазик со преводи на онлајн платформата Coolplay. Пристапот без регистрација е достапен само за луѓе во Русија или за оние надвор од земјата со програма vpn.