Се зголемува притисокот врз Израел поради цивилните жртви по отфрлањето на прекинот на огнот

Откако ги отфрли повиците за примирје, Израел ќе биде под постојан притисок да избегне цивилни жртви за време на нападите врз Газа додека американските дипломати го посетуваат регионот во обид да го намалат ризикот од ескалација на конфликтот.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен треба да се сретне со турскиот министер за надворешни работи во понеделник во Анкара, неколку часа откако стотици луѓе на пропалестинскиот протест се обидоа да упаднат во воздухопловната база во која се сместени американски војници во јужна Турција.

Блинкен во неделата ненајавена го посети Западниот брег за да се сретне со претседателот на палестинската управа Махмуд Абас, кој се приклучи на меѓународните повици за итен прекин на огнот.

Здравствените власти во Газа, под контрола на Хамас, соопштија дека повеќе од 9.770 Палестинци, од кои најмалки една третина се деца, се убиени во војната која започна откако Хамас изврши ненадеен напад врз јужен Израел пред еден месец, при што беа убиени 1.400 луѓе и зеде повеќе од 240 заложници.

Блинкен ја повтори загриженоста на САД дека прекинот на огнот може да му помогне на Хамас, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли можноста за тоа доколку заложниците што ги држеше Хамас не бидат ослободени. „Нема да има прекин на огнот без враќање на заложниците“, рече Нетанјаху.

Израелската армија во неделата објави дека го опколила градот Газа, на северниот крај на енклавата. Палестинската новинска агенција WAFA извести за „невидено гранатирање“ од Израел, додека телекомуникацискиот провајдер Paltel соопшти за нов прекин на комуникациските и интернет услугите.

Израел соопшти дека 31 војник бил убиен откако ги започнал проширените копнени операции во Газа на 27. октомври, борејќи се со борците на Хамас кои веруваат дека можат да го спречат израелското напредување во мрежата од тунели под енклавата.

Портпаролот на израелската војска изјави за CNN доцна ноќта во неделата дека гранатирањето во северниот дел на Газа е прекинато неколку часа два дена по ред за да се овозможи безбедно минување на цивилите на југ од тесниот крајбрежен појас.

„Ние не само што им кажуваме каде да одат, туку помагаме и создаваме многу подобри хуманитарни услови на југот“, тврдеше полковникот Јонатан Конрикус, без да прецизира дали таквите паузи ќе продолжат.

Конрикус рече во јужниот дел од Појасот Газа има пристап до вода и хуманитарни резерви, но дека наводно Хамас ги попречува конвоите пукајќи во нив. Агенцијата Reuters наведува дека не можела веднаш да ги потврди неговите тврдења.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс, исто така, треба да го посети Израел во понеделник за да разговара за војната и разузнавањето со високи претставници, објави Tje New Yor Times. Бaрнс на патувањето ќе посети и други земји на Блискиот исток за да разговара за ситуацијата во Газа, цитира NYI неименуван американски функционер.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во неделата и „ја повтори неговата цврста посветеност на правото на Израел да се брани, но исто така ја нагласи важноста од заштита на цивилите и доставување хуманитарна помош“, соопшти Пентагон. Остин „ја потврди посветеноста на САД да го одврати секој државен или недржавен актер кој сака да го ескалира овој конфликт“, се додава во соопшението.

Американската потпретседателка Камала Харис подоцна во понеделник ќе ги повика странските челници за да разговараат за конфликтот и да ги унапредат напорите на администрацијата во Вашингтон да го зголеми протокот на хуманитарна помош за цивилите во Газа, соопшти нејзиниот кабинет.

Јорданските воздухопловни сили со авион префрлиле итна медицинска помош во јорданската теренска болница во Газа рано во понеделникот, според објавата на јорданскиот крал на X и извештаите во државните медиуми.

Централната команда на САД, која го покрива Блискиот исток, на Х соопшти дека во регионот пристигнала ракетна подморница од класата „Охајо“ на нуклеарен погон – необична јавна објава за позиција на нуклеарна подморница за која некои аналитичари велат дека е порака до Иран.