
По натпреварите одиграни во понеделникот, нема повеќе непоразени екипи во НБА лигата, бидејќи Бостон Селтикс загубија на гостувањето кај Минесота Тимбервулфс со 109:114 по продолжението.
Селтикс го имаа последниот напад во четвртата четвртина, кој Џејлен Браун се обиде да го заврши со „тројка“ за победа но не беше прецизен, а во дополнителните пет минути домашните Вулфс предводени од Ентони Едвардс ја одбранија предноста на домашниот паркет. Едвардс мечот го заврши со 38 поени, 9 скока и 7 асистенции, додека Џејсон Тејтум беше првото име на Селтикс со 32 поени.
Шампионите Денвер Нагетс со одличен настап во вториот дел ги победија Њу Орлеанс Пеликанс со 134:116. Никола Јокиќ забележа нов „трипл-дабл“ учинок – 108 откако заигра во најсилната лига во светот – со 35 поени, 14 скока и 12 асистенции за Нагетс. Џордан Хокинс со 31 поен беше најефикасен кај Пеликанс, каде на дофат на „трипл-дабл“ беше Зион Вилијамсон со 20 поени, 10 скока и 9 асистенции.
Многу интересно беше во Мајами, каде домашните Хит ги победија Лос Анџелес Лејкерс со 108:107, иако не постигнаа ниту еден поен во последните 3,50 минути од натпреварот. Лејкерс тргнаа во серија од 8:0 за да стигнат до 108:107, а во тој момент на семафорот останаа уште 2,39 минути. Во преостанатото време ниту еден тим не успеа да постигне кош, а последната шанса за Лејкерс ја пропушти Кем Редиш кој на две секунди до крајот промаши обид за „тројка“. Џими Батлер постигна 28 поени за Хит, каде Бам Адебајо забележа „трипл-дабл“ со 22 поени, 20 скокови и 10 асистенции, додека стрелците на Лејкерс ги предводеше Леброн Џејмс со 30 коша, а Остин Риавс впиша 23 коша, 10 скокови и 9 асистенции.
Голден Стејт Вориорс победија на гости кај Детроит Пистонс од 120:109. Вориорс до шестата победа во осмиот настап сезонава ги предводеше сѐ уште одличниот Стивен Кари со 34 асистенции, додека Кејд Канингем и Килијан Хејс беа најефикасни во редовите на младиот тим Пистонс со по 21 поен.
Лос Анџелес Клиперс претрпеа прилично убедлив пораз од 97:111 на гостувањето кај Њујорк Никс. Никс до победата ги предводеа Џулиус Рендл со 27 поени и 10 скока и ЕрЏеј Барет со 26 коша, додека во тимот на ѕвездите на Клиперс најефикасни беа Кави Леонард со 18 и Расекл Вестрбрук и Џејмс Харден со по 17 коша.
Висок пораз доживеа Јута Џез од 113:130 на гостувањето кај Чикаго Булс. Зак ЛаВин со 24 и Демар Дерозан со 21 поен ги предводеа Булс до лесната победа, додека Лаури Марканен со 29 поени и Вокер Кеслер со по 15 коша и скокови беа најдобри за Џезерите.