
Според податоците што ги испратиле роднините на девојката, нејзината пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејство на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци
Наама Леви, 19-годишна девојка со потекло од Македонија, била киднапирана на 7 октомври при упадот на припадниците на Хамас во Израел. Информацијата за Гласот на Америка на македонски јазик ја потврдила Рашел Леви Друмер, професорка во Израел, која има македонско потекло и која е вклучена во напорите за ослободување на девојката.
На социјалните мрежи веќе е објавено и видео од 19-годишната Наама Леви, а на кое се гледа дека била малтретирана. Барање за помош е упатено и до Еврејската заедница во Македонија, за да се потврди нејзиното македонско потекло, кое, како што се тврди, го има од нејзина чукунбаба.
– Ми се јави господинот Шаул Леви, кој има корени од Македонија, и побара да помогнеме на кој било начин да се ослободи неговата внука. Таа е активист за мир, но била киднапирана и однесена во Газа. Има докази и видео од нејзе, изјавила професорката Друмер за Гласот на Америка.