Нетанјаху: Израел не сака да ја окупира Газа, но потребни се „уверливи сили“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот изјави дека неговата земја не сака да ја освои, окупира или владее Појасот Газа по, како што тврди, војната против радикалното движење Хамас, но дека „уверливи сили“ ќе мора да влезат во палестинската енклава доколку е потребно за да се спречи воена закана.

Изјавите на Нетанјаху претходно оваа седмица дека Израел ќе биде одговорен за безбедноста во Газа, предизвика негативна реакција кај САД, главниот сојузник на еврејската држава. Вашингтон најави дека ќе се спротивстави на израелската окупација на Газа по војната, во која Израел тврди дека се обидува со масивните бомбардирања да го уништи водството на Хамас по нападот на 7 октомври врз јужен Израел за кој Израел вели дека уби 1.400 луѓе од кои над 300 израелски војници.

„Ние не сакаме да ја освоиме Газа, не сакаме да ја окупираме Газа и не сакаме да владееме со Газа“, изјави Нетанјаху во четвртокот за американската телевизиска мрежа Fox News.

Додаде дека во Газа ќе треба да се формира цивилна влада, но дека Израел ќе се погрижи напад како оној на 7 октомври да не се повтори.

„Значи, мораме да имаме кредибилни сили коишто, доколку е потребно, ќе влезат во Газа и ќе ги убијат убијците. Ова ќе спречи повторно да се појави група како Хамас“, рече Нетанјаху.

Повеќе од 10.800 Палестинци, од кои речиси половината деца, загинаа во израелските бомбардирање на Газа, според извештаите од локалните здравствени служби. Хуманитарна катастрофа се случи кога снема основните резерви, а бројот на ранети беше преголем за здравствениот систем.

Американските власти велат дека палестинската управа, која има ограничена моќ на Западниот брег (на реката Јордан), окупирана од Израел, треба да се врати во Газа по војната. Хамас ја презеде контролата врз Газа во 2007 година, откако претходно победи на палестинсите избори против движењето Фатах на претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас.

Највисоките палестински функционери, вклучително и Махмуд Абас, велат дека враќањето на палестинската самоуправа во Газа мора да биде придружено со политичко решение кое ќе стави крај на израелската окупација на територијата што ја зазеде во војната во 1967 година.

Нетанјаху рече дека по војната „Газа мора да се демилитаризира, дерадикализира и повторно да се изгради“. Палестинскиот премиер Мохамед Штајех, пак, изјави за PBS оваа седмица дека палестинските власти нема да се вратат во Газа „на израелски тенк“.