Турк: Израел мора да ги заштити Палестинците на Западниот брег

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Фолкер Турк во петокот рече дека Израел мора да преземе итни мерки за заштита на Палестинците на окупираниот Западен брег, кои беа подложени на насилство откако изби војната меѓу Израел и Хамас минатиот месец.

Турк рече дека најмалку 176 Палестинци, меѓу кои 43 деца и една жена, биле убиени во инциденти во кои учествувале израелските безбедносни сили од почетокот на октомври. Најмалку осум Палестинци се убиени од израелски доселеници.

Пред почетокот на војната во Газа меѓу Израел и исламистичката група Хамас на 7-ми октомври, оваа веќе беше најсмртоносната година за Палестинците на Западниот брег, окупиран според меѓународната заедница заедно со источен Ерусалим од страна на Израел во 1967 година, со околу 200 убиени.

„Итно ги повикувам израелските власти да преземат итни мерки за да се обезбеди заштита на Палестинците на Западниот Брег, кои секојдневно се изложени на насилство од страна на израелските сили и доселеници, апсења, иселувања, заплашувања и понижувања“, рече Турк за новинарите во јорданската престолнина Аман.

Влошувањето на насилството на Западниот брег ја подгреа загриженоста дека палестинската територија би можела да стане трет фронт во пошироката војна, заедно со северната граница на Израел, каде што се случија судири со силите на либански Хезболах.

„Должност на Израел е да се погрижи сите инциденти да бидат навремено и ефективно истражени и на жртвите да им се обезбедат ефективни правни лекови. Продолжувањето на широко распространето неказнивост за таквите прекршувања е неприфатливо, опасно и јасно кршење на обврските на Израел според меѓународното право за човекови права“, рече Турк.

Израел порача дека ќе го уништи радикалното сунитско движење Хамас и рече дека, исто така, спроведува антитерористички операции против милитантите на групата и другите палестински вооружени фракции на Западниот брег.

Во текот на изминатите 18 месеци, израелските трупи убиле стотици Палестинци, меѓу кои покрај тврдолинијашки милитантни борци и млади луѓе кои фрлале камења и неинволвирани цивили – и извршиле илјадници апсења низ Западниот брег. Во истиот период, десетици израелски доселеници во енклавата беа убиени во палестинските одмазнички напади.