
Европската унија во неделата го осуди „користењето на болниците и цивилите од страна на Хамас како жив штит“ во Појасот Газа, повикувајќи го Израел да покаже „најголема можна воздржаност“ за да ги заштити цивилите во тековната војна.
ЕУ „го осудува користењето на болниците и цивилите од страна на Хамас како жив штит“ и е „исклучително загрижена поради влошувањето на хуманитарната криза во Газа“, рече шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
„Борбените дејствија имаат сериозни последици за болниците и сериозно ги погодуваат цивилите и медицинскиот персонал“, предупреди тој, посочувајќи дека „според меѓународното хуманитарно право, болниците, медицинската опрема и цивилите во болниците мора да бидат заштитени“.
„Покрај тоа, болниците мора веднаш да бидат снабдени со најнеопходната медицинска опрема и пациентите на кои им е потребна итна медицинска помош мора да бидат евакуирани во безбедни услови. Во оваа смисла, го повикуваме Израел да покаже најголема можна воздржаност за да обезбеди заштита на цивили“, додаде тој.
Повикот беше упатен додека беснеат борби околу болницата „Ал-Шифа“, најголемата во Појасот Газа.
Заменик-министерот за здравство во владата на Хамас во неделата претпладнето за AFP изјави дека зградата во која е сместен оддрлот за кардиологија во споменатиот болнички комплекс била „целосно уништена“ во израелски воздушен напад.
Израелската армија до вечерта сè уште не ги коментираше тие наводи, а AFP вели дека не можеле да го потврди бомбардирањето, но најмалку еден сведок од болницата ги потврди нападите и штетата.
Израел негира дека намерно цели болници. Го обвинува Хамас дека ги користи зградите и тунелите под нив како скривалишта, што исламистичката милитантна група го негира.
Во изјавата на Борел се повторува ставот на Брисел дека Израел „има право да се брани во согласност со меѓународното и хуманитарното право“. Но, ЕУ „се придружува на повиците за пауза во конфликтот и воспоставување хуманитарни коридори“ во Појасот Газа што е можно поскоро.
Освен тоа, го повикува Хамас да ослободи повеќе од 240 заложници земени за време на неговиот напад на 7. октомври и нагласува дека е „исклучително важно“ Меѓународниот комитет на Црвениот крст (MKCK) да има „пристап до заложниците“.