Израел тврди дека Хамас „бега“ од Газа каде ја „изгубил контролата“

Израелските челници тврдеа во понеделникот дека палестински Хамас ја „изгубил контролата во Газа“, на 38-от ден од војната против ова исламсистичко сунитско движење, во судирот во кој илјадници раселени лица се држени во оспада во нечовечки услови во болниците на малата палестинска територија.

Хамас ја „изгуби контролата во Газа“ и неговите борци „бегаат на југ“ на енклавата Појасот Газа, каде што движењето е на власт од 2007 година, изјави во понеделникот израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во видео пораката објавена на неколку телевизиски канали.

Палестинското движење, коешто Израел, САД и Европската унија го прогласија за терористичка организација, засега не реагираше на ова тврдење на израелскиот министер.

Во најголемиот болнички комплекс во енклавата „Ал Шифа“ во градот Газа, „ситуацијата е многу сериозна, нечовечка“, предупредија на платформата Х, од меѓународната невладина организација Лекари без граници (MSF – Médecins Sans Frontières), повикувајќи се на нивен активист хирург кој работи во таа болница.

Борбите за заземање на градот Газа, меѓу израелските трупи и борците на Хамас, се водат веќе со денови и медицинските екипи не стасуваат да ги пренесат ниту ранетите, ниту мртвите, додал активистот на Лекари без граници.

„Во болницата немаме струја, храна, ниту вода. Луѓето ќе умрат за неколку часа без респиратори“, рекол лекарот .

Пациентите и новореденчињата се веќе мртви, поради тоа што нема струја во болницата во која има најмалку шестотини ранети и илјадници цивили кои таму побараа засолниште, соопштија од Хамас.

Израелската војска без престан го бомбардира Појасот Газа по нападот без преседан на Хамас во јужен Израел на 7-ми октомври, а од 27-ми октомври започна копнена операција за да го уништи движењето.

На израелската стана загинале, според најновите процени, 1.200 луѓе, од кои само 300 се војници, на денот на нападот, кој според масовноста, координираноста и бруталноста не се памети од основањето на државата Израел во 1948 година и почетокот на еврејско-палестинскиот конфликт.

Израелската војска која во понеделникот извести за 44 загинати нејзини припадници откако ја започна копнената офанзива, оценува дека 240 луѓе се грабнати од јужен Израел и пренесени во Појасот Газа во нападот на 7-ми октомври.

Досега се ослободени само четворица заложници, а во неделата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху спомена можност за договор за ослободување на некои заложници, што според него е услов за каков и да е прекин на непријателствата.

Во петокот борбената формација Бригадите на Ал-Касам, военото крило на Хамас, кое ја презема одговорноста за нападот од 7-ми октомври, објави дека најмалку 60 заложници загинале во израелските бомбардирања на Газа.

Во неделата ноќта, пак, агенцијата Reuters повикувајќи се на палестински функционери извести дека Хамас ги прекинал разговорите со Израел поради израелските напади врз болницата „Ал Шифа“ во градот Газа.