
На европските берзи се тргува претпазливо во вторникот претпладнето, при што индексите стагнираат додека инвеститорите го чекаат извештајот за американската инфлација, што може да има значително влијание врз насоката на пазарите.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции е речиси непроменет во однос на истиот период во вчерашниот трговски ден кога порасна. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабна за 0,20 отсто, на 7.410 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,01 отсто, на 15.345 поени, а париски CAC 0,02 отсто, на 7.085 поени.
А на азиските берзи во истиот период од тргувњето цените на акциите пораснаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за 0,3 отсто. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei ајакна за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,3 и 1,2 отсто. Во Хонгконг, пак, благо паднаа.
Јужнокорејскиот индекс Cospi претпладнево скокна повисоко, најмногу благодарение на корекцијата на цените на акциите по падот пет дена по ред.
Берзите се внимателни, како и вчера на Волстрит, бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред американскиот извештај за инфлацијата, кој ќе биде објавен во вторник и може значително да влијае на насоката на пазарот. Економистите проценуваат дека во октомври стапката на инфлација се лизнала на 3,3 отсто, од 3,7 отсто во септември. Но, оценуваат и дека основната стапка на инфлација, од која се исклучени цените на енергијата и храната, останала непроменета.
Цените на акциите пораснаа последните седмици, бидејќи инвеститорите веруваат дека американската централна банка го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки, иако од Fed велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
„Податоците за инфлацијата, како и податоците за вработеноста, се главните двигатели на финансиските пазари долго време, бидејќи покажуваат што може да направи Fed. Пазарот проценува дека Fed нема повторно да ги зголеми каматните стапки, но за тоа да биде вистина, инфлацијата мора да продолжи да слабее“, објаснува Мет Стаки, менаџер на портфолио во компанијата „Northwestern Mutual Wealth Management Company“.
Акциите беа поддржани од надежите за напредок во преговорите за отворените економски прашања меѓу САД и Кина на овонеделниот состанок меѓу претседателот Џо Бајден и Кси Џинпинг во Сан Франциско.