Организација во САД го тужи Бајден за „соучесништво во геноцидот“ во Газа

Американската организација за човекови права Center for Constitutional Rights (Центар за уставни права) поднесе тужба пред сојузен суд против администрацијата на претседателот Џо Бајден, обвинувајќи го за „соучесништво во геноцидот врз Палестинците“ во Појасот Газа.

„Израелската влада врши геноцид врз палестинскиот народ во Појасот Газа со безусловната поддршака на Соединетите државви (…) од 7-ми октомври израелската влада уби најмалку 11.100 Палестинци во Појасот Газа, меѓу кои повеќе од 4.600 деца а ранети се над 28.000 луѓе. Постојат документирани докази за употреба на бел фосфор… Соединетите држави не ги исполнуваат своите законски обврски за спречување на геноцидот, а претседателот Џо Бајден и другите високи функционери активно го помагаат и поддржуваат геноцидот над палестинсиот народ од страна на израелската влада“, се наведува во соопштението на организацијата објавено во понеделникот на нејзината веб-страница.

Меѓународната невладина организација за човекови права Human Rights Watch уште на 12-ти октомври, пет дена по упадот на палестинското радикално движење Хамас во јужен Израел што беше повод за најновата израелско-палестинска војна, го обвини Израел дека користи муниција со бел фосфор во неговите воени операции во Газа и Либан, велејќи дека употребата на такво оружје ги става цивилите во ризик од сериозни и долготрајни повреди. Израелската војска тогаш соопшти дека „во моментов не знае за употребата на оружје што содржи бел фосфор во Газа“.

„Претседателот Бајден, државниот секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин не само што не го искористија своето влијание за да го спречат геноцидот, туку и дадоа повеќекратни јавни изјави со недвосмислена поддршка за таквите активности на израелската влада“, исткануваат од американскиот Center for Constitutional Rights.

Во соопштението се наведува дека организацијата на 13-ти ноември поднела сојузна тужба од името на палестинските организации за човекови права и Палестинците во Газа и во САД, против Бајден и највисоките државни функционери во неговата администрација.

Американски активисти за човекови права најавија и тужби против Бајден, неговите министри и водечките американски медиуми, по монструозното убиство во Чикаго на шестгодишнот момченце од палестинско-американско потекло од страна на 71-годишен маж разгневен од вестите за наводниот масакр врз бебиња кога Хамас на 7-ми октомври продре во јужен Израел, за што подоцна се испостави дека е измислица на жена која самата тоа го призна.

Активистите ги обвинуваат највисоките американски државни функционери и медиумите дека со пренесувањето на непроверените информации директно придонеле за 71-годишниот Џозеф М.Чуба со 16 убоди со бајонет го нападнал муслиманското семејство на кое му го издавал станот и да го убие шестгодишниот Вадеа Ал-Фаџум, како и дека со непотврдените наводи за грозоморни злосторства на Хамас придонеле за раст на исламофобијата во САД.

Во обид да изгради поддршка за својот одговор, израелската влада им прикажала на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и на министрите за одбрана на НАТО фотографии од деца и цивили за кои им било речено дека биле масакрирани од Хамас во текот на нападот во јужен Израел.

Блинкен во изјава за медиумите потоа рече дека му покажале бебе „изрешетано со куршуми“, војници со отсечени глави и млади луѓе изгорени во нивните автомобили. „Тоа е само изопаченост на најлош можен начин. Навистина е над сè што можеме да сфатиме“, рече првиот американски дипломат, а ден подоцна во Чикаго се случи убиството на муслиманското момченце.