
Северна Кореја ја критикуваше групата седум најразвиени економии Г7, кои сѐ почесто се нарекуваат „најразвиени западни демократии“, велејќи дека таа е „остаток“ од идеолошката блоковска Студена војна кој предизвикува судири поради сопствените интереси и ја нарушува сувереноста на другите земји.
Главниот директор на Одделот за меѓународни организација при министерството за надворешни работи во Пјонгјанг, Јо Чол Су, ги осуди министрите за надворешни работи на земјите од Г7 за „валкање“ на изразите „самоодбрана и легитимна сувереност“, од страна на овие земји во заедничката изјава од минатонеделниот состанок во Токио, пренесе севернокорејската државна новинска агенција KCNA.
Заедниката изјава на Г7 повикува на „хуманитарни паузи“ во војната на Израел во палестинската енклава Појасот Газа, како што тврди, против радикалното движење Хамас, потврдувајќи ја поддршката за Украина во војната против Русиија, а ги осудува и ракетните тестирања на Северна Кореја како и наводниот и досега недокажан тренсфер на севернокорејско оружје во Русија.
„Г7, кој ја предизвика и поттикнува неодманешната меѓународна криза, умее да каже сешто за да ги обвини независните суверени земји. Г7 едноставно е главниот извор на опасности за глобалниот мир и безбедност, и е главниот камен на сопнување кој спречува воспоставување праведен меѓународен поредок“, го цитира агенцијата министерот Јо.
Групата не може да ја претставува меѓународната заедница, туку ги штити интересите на само неколку земји, продолжува Јо, критикувајќи ги САД за испораки на смртоносно напаѓачко оружје на Украина со цел „намерно да го уништат мирот и стабилност“ во Европа.
Јо, исто така, го обвинува Вашингтон дека спроведува „расипани и опасни“ воени удари во палестинската енклава Појасот Газа „прикривајќи го одвратниот израелски масакр врз цивилите“.
„Ја изгуби (Г7) причината за постоење. Г7, остатокот од Студената војна, треба веднаш да се распушти, и тоа ќе биде првиот чекор кон решавањето на моменталната меѓународна криза и воспоставување на глобалниот мир“, рекол Јо.
Севернокорејската изјава се појави истовремено додека Јужна Кореја ќе биде посетена од претставници на 17 земји од Командата на ОН кои го спроведуваат примирјето од 1952 година со која е запрена Корејската војна. На рзаговорите подоцна во вторникот се очекува да се обнови ветувањето дека ќе се одговори на „каква и да е агресија“ од страна на Северна Кореја.