Британскиот Врховен суд: Планот за испраќање мигранти во Руанда е нелегален

Британскиот Врховен суд во средата пресуди дека планот на владата за испраќање баратели на азил во Руанда е незаконски, што му зададе удар пред изборите следната година на премиерот Риши Сунак, кој одговори дека владата веќе подготвува нов договор.

Велика Британија имаше намера да испрати десетици илјади баратели на азил, кои нелегално пристигнале на нејзините брегови, во источноафриканската земја во обид да ги одврати мигрантите кои пристигнуваат од Европа со мали пловила. Меѓутоа, Врховниот суд во средата едногласно одлучи дека мигрантите не можат да се испраќаат во Руанда, бидејќи земјата не може да се смета за безбедна трета земја.

Договорот со Руанда беше во средиштетот на имиграциската политика на премиерот Сунак додека се подготвува за изборите следната година, поради загриженоста кај некои гласачи за зголемениот број баратели на азил кои пристигнуваат во Велика Британија преку Каналот (Ла Манш).

Пресудата налути некои пратеници од десницата на Ториевците. Тие рекоа дека владата треба да размисли за повлекување од Европската конвенција за човекови права, иако судот јасно стави до знаење дека неговата одлука се заснова на низа закони и договори, а не само на Конвенцијата.

Пресудата доби уште поголемо политичко значење во последните денови кога Сунак ја отпушти министерката за внатрешни работи Суела Брејвермен, популарна личност од десното крило на неговата Конзервативна партија, која беше задолжена за имиграцијата. Во вторникот, Брејвермен го прозва Сунак дека ги прекршил своите ветувања за борба против имиграцијата и рече дека го „предал“ британскиот народ.

Сунак по судската одлука дека владата се подготвува за сите можни ситуации и ќе направи сѐ што е потребно за да се запре илегалната миграција.

„Илегалната миграција уништува животи и го чини британските даночни обврзници милиони фунти годишно“, изјави британскиот премиер. „Мораме да ставиме крај на ова и ќе направиме се што е потребно“, додаде Сунак.

Сунак, чии конзервативци заостануваат со околу 20 процентни поени во анкетите, вети дека ќе ги „запре чамците“ – едно од петте клучни ветувања за неговата премиерска функција. Повеќе од 27.000 луѓе пристигнаа на брегот на јужна Англија без дозвола оваа година, по рекордните 45.755 во 2022 година.

Критичарите, вклучително и опозициските пратеници, некои во владејачката Конзервативна партија, црковните водачи и Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, предупредија дека политиката е погрешна, неморална и едноставно нема да работи. Политиката за испраќање баратели на азил во Руанда првично ја смислил поранешниот премиер Борис Џонсон.

Владата веќе работи на нов договор со Руанда и би можела да ги промени британските закони во таа област, рече Сунак во средата по објавувањето на одлуката на Врховниот суд дека испраќањето мигранти во Руанда би било нелегално.

„Владата веќе работи на нов договор со Руанда и ќе го финализираме во светло на денешната пресуда“ на Врховниот суд, рече Сунак во обраќањето пред парламентот. „Понатаму, доколку е потребно, подготвен сум да направам промени во домашната правна рамка“, изјави британскиот премиер.