Зголемен бројот на политичките напади врз мигранти во Германија

Во првите три квартали од оваа година се забележани 1.515 политички мотивирани напади врз бегалци и баратели на азил, што е повеќе од целата претходна година“, се вели во одговорот на германската влада на истрагата на претставничката група на партијата Левица во Бундестагот.

Најголем број напади, две третини, им се припишуваат на извршителите од политичкото милје од екстремната десница. Партијата на левицата го критикувала зголемувањето на насилството врз бегалците и барателите на азил и го поврзале ова зголемување со актуелната дебата за ограничување на илегалната имиграција во Германија.

„Во Германија, бегалците секојдневно се цел на напади, понижувања и ширење омраза. Една од причините е сѐ поинтензивната дискусија за барателите на азил, што дава плодна почва за расистичка мобилизација на улица и насилство насочено кон бегалците“,изјави пратеничката на партијата Левица, Клара Буенгер. Сојузната влада и пратениците на сојузните покраини неодамна договорија пакет мерки што треба да резултираат со намалување на бројот на бегалци кои во зголемен број доаѓаат во Германија од почетокот на оваа година.

Меѓу другото, мерките вклучуваат зголемена контрола на границите, како и укинување на социјалните бенефиции за бегалците, што треба да ја намали атрактивноста на Германија како дестинација за мигрантските текови. Германските граѓани во анкетите на јавното мислење го наведуваат токму проблемот со неконтролираната имиграција како најголем социјален проблем. Партиите како што е десничарската Алтернатива за Германија (AfD), кои се противат на сите форми на имиграција, имаат најголема корист од ова расположение.

AfD ужива поддршка од нешто помалку од една четвртина од гласачите во анкетите на федерално ниво, и е веројатно најсилната политичка сила во сојузните покраини на истокот на Германија.