
Социјален буџет каде над половина од парите одат за плати, пензии и социјални трансфери. Собранието го објави предлогот за трошењата од државната каса за наредната година.
Од 5,5 милијари евра, колку што е проектиран, речиси 3,3 милијарди евра се планирани за плати во јавниот сектор и социјални трансфери, каде спаѓаат пензиите, социјалните надоместоци, помош за невработените.
Во Предлог буџетот за 2024, испланирани се парите за 78те проценти покачувања на функционерските плати. Следната година за повисоки примања на министрите, премиерот, пратениците, претседателот, обивнителите, судиите, но и директорите ќе се потрошат околу 15 милиони евра повеќе од 2023.
Најдрастично е во Собранието. Така, вкупниот буџет на Парламентот е 14,7 милиони евра што е за 5 милиони евра повеќе од годинава. Речиси сите овие дополнителни пари одат во ставката на плати и надоместоци. За оваа намена Парламентот потрошил 5,3 милиони евра, а сега ќе потроши двојно – 10,1 милион.
За разлика од тоа, ставката за средби со граѓаните останува иста, околу 230.000 евра.
Зголемен буџет ќе добијат и владините заеднички служби. Ако оваа година за изградба на нови административни згради се потрошиле 2 милиони евра, за догодина се планираат 5,7 милиони. Околу половина милион евра дополнителни пари ќе одат и во авио службата.
Иако главната агенда на Владата е европската интеграција, Секретеријатот за европски прашања догодина ќе добива помалку пари. Буџетот од 2,7 се намалува на 2,3 милиони евра.
НАТО интеграцијата пак, догодина ќе ја чини државата 87 милиони евра.
За разлика од сите овие трошоци, за капитални инвестиции предвидени се 733 милиони евра.
Како најзначаен инфрастрктурен проект се изградбата на патиштата од конзорциумот Бехтел и Енка, како и вложување во железничкиот сообраќај.
Веќе утре во Собранието треба да се изгласа потребата од донесување на буџетот, а целата процедура да заврши пред Нова година.