Голема награда на Абу Даби: Расел најбрз на првиот тренинг

Британскиот возач Џорџ Расел од тимот на Мерцедес постигна најдобро време (1:26.072 минути) на првиот тренинг во пресрет на Големата награда на Абу Даби, последната трка од Светскиот шампионат во Формула 1 оваа сезона.

На првиот тренинг речиси половина од натпреварувачите кои вообичаено учествуваат во трките во Формула 1 не се појавија зад воланот на својот болид, бидејќи девет од десет екипи ја искористија оваа можност да ја исполнат својата обврска да тестираат млади возачи.

Втор беше 23-годишниот Бразилец Фелипе Другович (1:26.363), кој беше зад воланот на Астон Мартин во кој вообичаено се натпреварува Шпанецот Фернандо Алонсо. Другович беше побрз од канадскиот тимски колега Ленс Строл (1:26.631), кој имаше петто време.

Австралиецот Даниел Рикиардо во АлфаТаури (1:26.433) и Финецот Валтери Ботас (1:26.453) во Алфа Ромео се пласираа меѓу двата Астооон Мартин.

Кај младите возачи, шансата за пласман во првите 10 ја искористи и 24-годишниот Израелец Роберт Шварцман на воланот на Ферари, кој беше осми (1:26.703).

За в петок (14 ч.) е закажан уште еден тренинг.

В сабота, по третиот тренинг (11:30 часот) е закажана квалификациската сесија (15 часот) за неделната трка која ќе започне во 14 часот по средноевропско време.

Пред последната трка речиси сѐ е решено. Холанѓанецот Макс Верстапен (Ред Бул) веќе ја обезбеди третата последователна титула светски шампион во конкуренција на возачи (549 поени) со дури 18 победи. Неговиот тимски колега, Мексиканецот Серхио Перез, ќе заврши на второто место (273 поени), а третото место го обезбеди седумкратниот светски шампион Британецот Луис Хамилтон (Мерцедес) со 232.

Ред Бул со 20 победи на 21 трка досега одамна ја обезбеди титулата во екипна конкуренција, а пред последното натпреварување австрискиот тим има 822 бода. Останува единствената неизвесност во борбата за второто место, во која Мерцедес (392) во финалната трка влегува со четири бода повеќе од Ферари (388).