
Ирската полиција во петокот соопшти дека уапсила 34 лица во врска со немирите во Даблин во текот на ноќта и дека може да следат уште протести откако пет лица, меѓу кои три мали деца, беа избодени со нож.
Полицијата постави стражи пред ограбените продавници, а пожарникарите гаснеа возила коишто тлееја во центарот на Даблин во петокот наутро по повеќечасовни немири кои ќе доведат до повеќе апсења, изјави полицискиот претставник Дру Харис.
„Оние кои учествуваа (во немирите) го посрамотија Даблин, ја посрамотија Ирска и ги посрамотија нивните семејства и себеси“, изјави ирскиот премиер Лео Варадкар на прес-конференција.
Полицијата не ја откри националноста на уапсениот напаѓач, но на интернет се шпекулира дека е странец.
Полицијата ги обвини екстремните десничарски агитатори за насилството откако мала група антиимигрантски демонстранти пристигнаа на местото на прободувањето во близина на главната сообраќајница на улицата О’Конел и се судрија со полицијата.
Варадкар рече дека неговата влада ќе преземе итни чекори за заострување на законите против омраза, кои, како што рече, во нивната сегашна форма, не се соодветни за ерата на социјалните медиуми.
„Како земја мораме да ја вратиме Ирска. Мораме да ја земеме од кукавиците кои се кријат зад маски и се обидуваат да не заплашат со нивното насилство“, рече Варадкар.
Сите политички партии го осудија нападот, вклучително и главната опозициска партија Шин Фејн.
Харис најави значително полициско присуство пред новинарите во петокот.
„Мислам дека видовме елемент на радикализација. Видовме група луѓе кои буквално зедоа само неколку факти, направија меур од претпоставки полни со омраза, а потоа се однесуваа на бунтовнички и деструктивен начин за нашето општество“, рече Харис.
На полицијата ѝ беа потребни неколку часа да ја врати контролата откако локалните млади жители им се придружија на демонстрантите. Некои скандираа „Исфрлете ги“, а еден носеше транспарент „Животите на Ирците се важни“. Се собраа околу 200 до 300 луѓе, проценуваат медиумите.
Харис рече дека 13 продавници биле оштетени или ограбени, а оштетени се 11 полициски автомобили, три автобуса и еден трамвај. Еден полицаец е тешко повреден.
Противпожарната бригада на Даблин во петокот наутро објави дека продолжиле со гаснењето на трамвајот на улицата О’Конел. Јавниот превоз е обновен, но со ограничувања во тој дел.
Беа поставени барикади на некои трговски улици каде што требаше да се одржи продажбата на црниот петок. Полицијата чуваше стража пред продавницата „Foot Locker“ со скршени стакла. Предниот дел на хотелот „Holiday Inn“ беше обложен со штици.
„Не знаеме дали ова ќе се повтори вечерва. Загрижени сме“, вели Хасан Алија, чувар во ограбената продавница „Foot Locker“. Таму бил и во четвртокот вечерта.
Еден бразилски доставувач на компанијата „Deliveroo“ изјави за веб-страницата Journal дека го соборил напаѓачот на земја удирајќи го со кацигата.
Харис рече дека 5-годишното девојче и 30-годишниот учител кои биле избодени со нож и натаму се во критична состојба. Уште две деца, петгодишно момче и шестгодишно девојче се здобиле со полесни повреди.
Полицијата го приведе уапсениот, на возраст од 40 години, кој исто така се лекува од тешки повреди. Полицијата соопшти дека не бара други лица поврзани со нападот. Харис рече дека полицијата не исклучила ниту еден мотив, па ниту оној поврзан со тероризам.
Во ирскиот парламент нема екстремно десничарски партии, но во изминатата година се зголемија малите антиимигрантски протести. Владата ја разгледува безбедноста околу парламентот откако пратениците беа заробени во зградата за време на неодамнешниот протест.