
Земјите од групацијата OPEC+ одлучија да ги намалат испораките на нафта за повеќе од 2 милионa барели дневно во првиот квартал на 2024 година, изјави во четвртокот рускиот вицепремиер Александр Новак за телевизискиот канал Россия-24.
Станува збор за вкупно количество на дневно ниво кое го договориле земјите од Организацијата на земјите извизнички на нафта (OPEC) и нивните сојузници независни производители предводени од Русија, од кое милион барели на ден ќе паѓаат на Саудиска Арабија, 500.000 барели на Русија. Останатите страни во договорот ќе го намалат производството на нафта за уште 700.000 барели на ден.
„Донесени се дополнителни одлуки за доброволни намалувања (во испораките и производството на нафта) во износ од повеќе од два милиони барели дневно“, рече рускиот дипломат.
„Саудиска Арабија потврди дека во првиот квартал од следната година ќе одржи доброволно намалување од милион барели дневно. Русија ќе го зголеми намалувањето на извозот, кој доброволно беше 300.000 барели дневно; за првиот квартал решивме да го зголемиме овој обем до 500.000 барели дневно. Голем број други земји кои учествуваат, исто така, доброволно објавија денеска дека ќе го намалат производството за уште 700.000 барели дневно во првиот квартал“, додаде Новак.
Нафтениот пазар изминатите денови беше фокусиран на денешната средба на OPEC и сојузниците на картелот, на која се разговара за понудата во 2024 година. Групата го одложи состанокот за четири дена, при што извори известуваа за барањето на групата африкански земји за повисоки производствени квоти. Групацијата ја намалуваше понудата оваа година за да ги поддржи цените, а Русија и Саудиска Арабија одделно одлучија да пласираат за 1,3 милиони барели дневно помалку нафта од нивните квоти.
Како што нагласи Новак, донесените одлуки ќе придонесат да се мине зимскиот период.
„Тоа се мерките што ќе го олеснат поминувањето на зимскиот период, намалената побарувачка, со цел да се обезбеди стабилно работење на нафтените пазари и рамнотежа на понудата и побарувачката“, појасни рускиот вицепремиер.
Од официјалното коминике на картелот произлегува дека следниот состанок на шефовите на делегациите на OPEC+ ќе се одржи на 1-ви јуни во Виена. Дополнително, се известува дека Бразил ќе се приклучи на соработка со оваа групација во јануари.
Од ноември минатата 2022 година OPEC+, како дел од договорот, го намалува производството за два милиона барели во однос на нивото од август истата година. Оваа одлука важи до крајот на 2023 година. По состанокот на 4-ти јуни, групацијата најави продолжување на договорот до 2024 година и намалување на целното ниво на производство на нафта за 1,4 милиони барели од следната година.
Саудиска Арабија и Русија договаат и дополнителни доброволни намалувања на производството на дневно ниво. Така, Саудиска Арабија од јули го намалува производството за дополнителни милион барели дневно. Русија, пак, дополнително го намалува извозот на нафта од август, во првиот месец за 500.000 барели дневно, а во периодот септември-декември за дополнителни 300.000 барели дневно.